
Разговорите меѓу Македонија и Бугарија е природно да се одвиваат и тие ќе продолжат, но Владата нема намера да прави отстапки поврзани со националниот интерес, историјата и идентитетот, изјавија за „Локално“ од кабинетот на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
На прашањето кои се можните решенија за отпочнување на преговорите со Европската Унија и што практично значи тоа што протоколот 2 од Договор за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија не е дел од преговарачката рамка, од Министерството за надворешни работи велат дека Муцунски ја нагласил потребата од јасност, предвидливост и гаранции дека процесот на пристапување ќе се води врз основа на европските критериуми.
-Министерот Муцунски на прес-конференцијата јасно го нагласи ставот дека, гледано од правен аспект, протоколите не се составен дел од Преговарачката рамка. Воедно, министерот Муцунски уште еднаш ја нагласи потребата од јасност, предвидливост и гаранции дека процесот на пристапување ќе се води врз основа на европските критериуми, а не на билатерални интерпретации, изјавија од кабинетот на Министерот.
Според министерот за надворешни работи суштината на проблемот е што Бугарија има поинакво толкување и ги третира т.н. протоколи како составен дел од Преговарачката рамкa.
-Во однос на евроинтегративниот процес, Владата е во постојана комуникација со институциите на Европската Унија, на земјите-членки на Унијата, вклучително и Бугарија. Постои позитивен импулс за изнаоѓање решение, но во овој момент нема конкретно решение што може да ѝ биде претставено на јавноста, изјавија од кабинетот на министерот Муцунски.
Е.Б.