Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд ја заврши редовната консултација со Република Македонија согласно член IV од Статутот на Фондот, при што даде позитивна оцена за монетарната политика и состојбите во финансискиот систем.Во извештајот се наведува дека домашната економија и натаму се соочува со предизвици поврзани со глобалните енергетски шокови, кои можат да влијаат врз економскиот раст и инфлацијата, поради што е потребно внимателно водење на монетарната политика.Директорите на ММФ изразиле задоволство од модернизацијата на рамката за водење на монетарната политика и ја поддржале определбата за понатамошно унапредување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на автономијата на централната банка.Во документот се истакнува дека девизните резерви на државата остануваат на соодветно ниво, што придонесува за поголема отпорност на економијата кон надворешни шокови.ММФ оценува дека финансискиот систем останува стабилен, додека банкарскиот сектор е добро капитализиран и високо ликвиден. Според податоците, стапката на адекватност на капиталот достигнува 19,4 проценти, што е значително над законски пропишаните барања, а учеството на нефункционалните кредити е намалено на историски најниските 1,9 проценти.Воедно, директорите на Фондот позитивно ги оцениле преземените макропрудентни мерки, но препорачуваат континуирано следење на ризиците поврзани со кредитниот раст и изложеноста на банките кон пазарот на недвижности.Во извештајот се наведува и потребата од натамошно усогласување на регулативата со европските стандарди, како и дополнително зајакнување на механизмите за спречување перење пари и финансирање тероризам.Оцените на ММФ претставуваат потврда за стабилноста и отпорноста на домашниот финансиски систем во услови на зголемена глобална економска неизвесност.