Грција изрази задоволство од вклучувањето на планината Олимп, највисоката надморска височина во земјата и заштитен природен резерват, а според грчката митологија, „домот“ на античките богови, во списокот на светско наследство на УНЕСКО.

-Од денес, митската планина Олимп станува планина на целото човештво, напиша премиерот Киријакос Мицотакис на својата Фејсбук страница.

Тој истакна дека вклучувањето на место на списокот на светско наследство е значајно национално достигнување и со тоа Олимп им се придружува на уште две грчки места кои претходно беа вклучени на истата листа, традиционалните села Загори во северозападниот грчки регион Епир (2023) и античките минојски палати на Крит (2025).

На 48-та седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, која се одржа од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја, пошироката област на Олимп, чиј врв се издига на надморска височина од 2914 метри, беше едногласно вклучена во списокот на природни и културни места на светско наследство.

Сместен во северниот дел од земјата, Олимп е една од најбогатите области со биодиверзитет во Европа. Тој е дом на повеќе од 2.000 растителни видови, од кои десетици не постојат никаде на друго место во светот, а познат е и по својата ретка фауна, истакнуваат експертите.

Бројни туристи го посетуваат „овој центар на грчката митологија, за кој пишувал Хомер, опишувајќи ги дванаесетте грчки богови и нивните палати“, според соопштението на УНЕСКО.

Во своите епови Илијада и Одисеја, Хомер го опишал Олимп како вечно живеалиште на грчките богови, сместен на врвот на планината со исто име. Тој го прикажал како место над облаците каде што нема ветер, дожд или снег, туку владее вечна светлина и веселост.