
Компанијата „Гересхајмер“ планира да направи нова инвестиција во Македонија и да го зголеми бројот на вработени од 300 на 500, најави премиерот Христијан Мицкоски од Диселдорф. Дополнително, најавени се три нови производни капацитети што би отвориле над 1.000 работни места кога ќе достигнат полн капацитет.
Во јавноста се поставува дилемата колку ваквите инвестиции реално ја менуваат структурата на македонската економија? Според економистот и извршен директор на ЗМАИ, Виктор Митевски, пред сè, треба да направиме разлика меѓу најавени и реализирани инвестиции. Потсетува дека во изминатите дваесетина години се изнаслушавме најави за големи инвестиции, илјадници работни места и милионски вложувања. За дел од нив беа потпишувани и договори, па сепак никогаш не се реализираа.
-Доволно е да се потсетиме на најавената фабрика за електрични автомобили во Тетово, за која во 2022 година беше потпишан договор, а во 2024 година беше запрена неговата реализација. Затоа, би бил внимателен со оценките додека најавените инвестиции не станат реалност, истакнува Митевски во разговор за „Локално“, додавајќи дека „Гересхајмер“ е постоечка компанија која веќе инвестира и вработува во Македонија, што дава поголема тежина на нејзините планови за проширување.
-Инвестициите во технолошки понапредни индустрии се добредојдени и можат да придонесат за диверзификација на производството и извозот. Сепак, вистинската структурна трансформација зависи од нивната поврзаност со домашните компании, трансферот на технологии, продуктивноста и создавањето поголема домашна додадена вредност.
Би сакал да нагласам и нешто што сметам дека е многу важно. Инвестициите, без оглед дали се домашни или странски, не смеат да добиваат политички предзнак. Тие не се партиски трофеи, ниту сопственост на која било влада. Државата треба да создава стабилни и предвидливи услови за инвестирање, работење и развој, а политичарите да престанат да ги претставуваат приватните инвестиции како лични или партиски достигнувања. На крајот, економските придобивки од инвестициите треба да ги почувствуваат граѓаните, а нивниот успех да се мери преку реални резултати, вели Митевски.
Околу тоа дали новите работни места ќе бидат добро платени и со висока додадена вредност, соговорникот истакнува дека тоа ќе можеме да го оцениме кога ќе знаеме какви работни места се отвораат, какви квалификации се бараат и какви плати се нудат. Смета дека засега имаме најава за добро платени работни места, но немаме конкретни податоци што би ја поткрепиле таквата оценка.
-Последните податоци покажуваат дека просечната нето-плата во Македонија изнесува 48.733 денари. Сосема е оправдано да очекуваме компаниите што инвестираат во современи технологии и пософистицирани производствени процеси да создаваат работни места со плати над националниот просек.
Македонија треба да го надмине моделот на привлекување инвестиции преку евтина работна сила. Нашата конкурентност мора да се развива преку квалификувани работници, современа технологија, иновации и подобра организација на производството. За зголемување на продуктивноста одговорност имаат и компаниите, преку вложувања во капитал, опрема и знаење, а повисоката продуктивност треба да се одрази и врз платите, наведува економистот, додавајќи дека особено кога се користат јавни средства за поддршка на инвестициите, граѓаните имаат право да знаат колку чини создавањето на едно работно место, колкави плати се исплаќаат и какви економски придобивки се создаваат. Митевски е дециден дека успехот на една инвестиција треба да го почувствуваат и работниците преку повисоки плати и подобри услови за работа.

Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски
Запрашан колку Македонија е конкурентна во привлекувањето странски инвестиции во однос на регионот, извршниот директор на ЗМАИ вели дека Македонија има одредени предности, како географската положба, пристапот до европските пазари и постојната индустриска инфраструктура. Меѓутоа, додава тој, регионалната конкуренција е силна, а инвеститорите сè повеќе бараат квалификувана работна сила, функционална инфраструктура, ефикасни институции и предвидливо деловно опкружување.
-Според Светската банка, нето-приливот на странски директни инвестиции во Македонија во 2025 година изнесувал 1,4% од БДП, наспроти регионалниот просек од 4,1%. Иако инвестициите имаат значителни годишни осцилации, ваквите податоци покажуваат дека има простор за подобрување на нашата инвестициска конкурентност, вели Митевски и нагласува дека тука повторно доаѓаме до улогата на политиката. Дециден е дека на економијата ѝ е потребно помалку политичко мешање во деловните одлуки и повеќе функционални институции.
-Задачата на властите е да обезбедат владеење на правото, квалитетна инфраструктура, ефикасна администрација, фер конкуренција и еднакви правила за сите инвеститори. Во такви услови компаниите ќе инвестираат и ќе се развиваат врз основа на сопствените економски интереси и потенцијали.
Особено е важно инвестициската политика да има еднаков пристап кон домашните и странските инвеститори. Домашните компании исто така преземаат ризици, вложуваат капитал, отвораат работни места и плаќаат даноци. Не гледам економско оправдување нивниот придонес да биде во втор план, додека секоја најава за странска инвестиција добива голема политичка промоција.
Вистинскиот показател за успешна економска политика е кога компаниите инвестираат затоа што постојат добри услови за бизнис, независно од тоа кој е на власт и кој политичар ќе се фотографира со инвеститорот, објаснува извршниот директор на ЗМАИ.
За дали зависноста од странски инвеститори создава долгорочни економски ризици, Митевски потврдува дека постојат, особено за мала и отворена економија како македонската. Странските компании се дел од меѓународни производствени синџири, а одлуките за нивното производство, проширување или евентуално повлекување често се носат надвор од Македонија. Според него, тоа нè прави чувствителни на глобалните економски движења и на побарувачката на европските пазари.
-Затоа е важно паралелно со привлекувањето странски инвестиции да се поттикнува развојот на домашните компании, нивната технолошка модернизација и вклучувањето во меѓународните синџири на снабдување. Домашниот приватен сектор мора да биде рамноправен носител на економскиот развој.
На Македонија ѝ е потребна долгорочна економска политика која ќе ги надживее изборните циклуси и промените на владите. Инвестициските одлуки се носат за десет, дваесет или повеќе години и не треба да зависат од политичката конјунктура или од блискоста со носителите на власта, објаснува соговорникот.
Најдобрата заштита од надворешните економски ризици, заклучува Митевски, е силна и диверзифицирана домашна економија, со конкурентни компании, квалификувани и добро платени работници и институции што функционираат еднакво за сите. Потенцира дека тоа е и најдобриот начин да привлечеме повеќе квалитетни странски инвестиции.
Пред два дена Мицкоски во изјавата од Германија вели дека денеска имал средба со премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, како и состаноци со голем број компании што се присутни или сакаат да отворат бизнис во Македонија.
„Меѓу нив би ја издвоил средбата со компанијата ‘Гересхајмер’, којашто веќе има реализирано две инвестиции. Вкупната инвестициска вредност е околу 120 милиони евра, а бројот на вработени изнесува околу 300 лица. Но, она што е поважно е нивната амбиција за нова, дополнителна инвестиција на 100 000 квадратни метри, каде што ќе го зголемат бројот на вработени до 500 и практично ќе го триплираат обртот на својот бизнис кај нас, со што ќе дадат позитивен придонес и ќе додадат вредност во македонскиот БДП. Исто така, сакам да најавам, доколку биде сѐ како што треба, во декември три нови производни капацитети, коишто кога ќе го достигнат својот врв на инвестицијата и полн капацитет, ќе отворат повеќе од 1 000, што е уште поважно, добро платени работни места“, рече премиерот во видео-обраќањето од Германија.
Н.П.