Кога ќе се спојат вредните раце на домаќинките, плодната струмичка земја, македонската песна и гостопримството, се раѓа празник што ги храни и телото и душата. Токму така беше вчера во Градашорци, каде што по 18-ти пат се одржа традиционалната манифестација „Ден на празот 2026“, меѓу народот позната како „Празијада“.
Во дворот на црквата „Св. Никола“ во селото Градашорци, општина Василево, вчера повторно замириса на домашни сукани пити, зелници и баници со праз и традиционални специјалитети. Празот, зеленчукот по кој ова село е надалеку познато, уште еднаш беше главниот јунак на манифестацијата која веќе 18 години ги обединува традицијата, земјоделството, народната култура и гостопримството.
А кога градашорските домаќинки ќе ги засукат ракавите, а сукалото ќе заигра по домашната кора, тогаш трпезата станува вистинско богатство. Имаше од сè по нешто, за сечиј вкус и мерак – баници, пити, зелници, погачи, праз со риба, тава со свинско месо и праз, тавче-гравче и десетици други специјалитети, подготвени по рецепти што се пренесуваат од колено на колено.
На богатите трпези, каде што празот царуваше во речиси секое јадење, посетителите имаа можност да вкусат дел од традиционалната македонска кујна. А како што вели народот, „празна вреќа исправена не стои“, па ретко кој можеше да им одолее на домашните деликатеси.

Но, „Празијада“ не е само празник на вкусната храна. Таа е приказна за вредниот земјоделец, за неговата мака и пот, за плодната земја што го храни семејството и за гордоста со која Градашорци го претставуваат она по што нивното село е препознатливо.
Свежиот градашорски праз и годинава го имаше главното место. Уредно нареден во снопови, тој се продаваше по цена од 300 до 400 денари за сноп од 30 стебла, во зависност од дебелината и квалитетот. Покрај празот, локалните земјоделци изложија и други есенски плодови од струмичката земја – пиперки, зелка и домашна зимница, потсетувајќи дека плодната земја и вредните раце се богатство што треба да се негува и почитува.
А каде што има добра трпеза, таму не изостануваат ниту песната, ниту играта!
За убавото расположение се погрижија членовите на КУД „Браќа Минкови“ од Куклиш, кои преку македонскиот фолклор ја збогатија манифестацијата, како и музичарите од „Алегро бенд“, кои внесоа дополнителна ведрина во празничната атмосфера.
Посебна доза смеа и расположение донесе и Баба Ружа, која со својата појава на сцената ги развесели присутните, потсетувајќи дека народниот хумор е неизоставен дел од ваквите собири.
И така, меѓу мирисот на тазе печените пити, звуците на македонската песна, насмевките и пријателските разговори, Градашорци уште еднаш покажа дека за убав празник не се потребни големи нешта, туку отворена душа, добра волја и трпеза подготвена со љубов.

Осумнаесет години „Празијада“ ја раскажува истата, но секогаш поинаку убава приказна – приказната за селото, за земјата, за традицијата и за луѓето што не дозволуваат да се заборави она што го наследиле од своите предци.
Зашто, како што велат старите, „каде што има слога, таму има и напредок“. А во Градашорци, каде што празот одамна е повеќе од обичен зеленчук, традицијата продолжува да живее, од година во година, од генерација на генерација.
И догодина, со здравје, со бериќет и со уште побогати трпези! /Р.Ѓ./
The post Мирис на домашни специјалитети, песна и традиција: Градашорци по 18-ти пат ја славеше својата „Празијада“ appeared first on Radio StrumicaNet.