Министерството за здравство соопшти дека надлежните институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар. Во изминатите 24 часа на Инфективното одделение во Општата болница во Гостивар биле извршени 204 прегледи, при што три лица се задржани на болничко лекување. На Педијатриското одделение биле реализирани 140 прегледи, а дополнителни девет пациенти биле прегледани во Ургентниот центар.
Од Министерството информираат дека кај најголемиот број пациенти клиничката слика е лесна, но поради наглиот пораст на заболени состојбата се третира како активен епидемиски настан. Во тек се епидемиолошки анкети, микробиолошки анализи на примероци од пациенти и вода, како и испитување на можните извори на зараза во координација со повеќе институции.
Досега се поднесени околу 140 пријави за заразна болест, кои ги обработуваат Центарот за јавно здравје Тетово и Институтот за јавно здравје. Надлежните вршат засилен надзор и над системот за водоснабдување, како и контроли во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Согласно законските надлежности, Центарот за јавно здравје Тетово треба да донесе одлука дали ќе биде прогласена епидемија на подрачјето на Гостивар. Од Министерството очекуваат таа одлука да биде донесена во текот на денот. До граѓаните е упатен апел да ги почитуваат препораките на здравствените власти, да одржуваат лична хигиена и при појава на симптоми веднаш да побараат лекарска помош.
The post Министерството за здравство: Продолжува истрагата за зголемениот број случаи на гастроентероколит во Гостивар appeared first on Прва Скопска ТВ.