Министерство за финансии не може да одговори позитивно на барањето на Министерство за здравство за договорците на Клиниката за детски болести, кои минатата недела протестираа пред Финансии со бaрање да им се реши статусот и да им се исплатат платите, бидејќи од јануари одат на работа но не примаат плата.

Од Министерството за финансии  за „Локално“ велат дека по доставените барања од  буџетските корисници поврзани со реализација на нови вработувања, одговараат според законските прописи и во законски утврдениот рок.

-Во конкретниот случај од страна на Министерството за финансии е одговорено согласно законот, односно согласно доставеното барање не може да се даде позитивно мислење поради ретроактивно дејство. При тоа посочуваме и дека исплатата на платите во здравствениот сектор се врши преку Фондот за здравствено осигурување, изјавија од Министерство за финансии за „Локално“.

Педесетина вработени од Клиниката за детски болести во петокот протестираа пред Министерство за финансии, со барање да им се исплатат платите од јануари досега, бидејќи не им се продолжени договорите на дело и на работа. Согласностите за вработувања и за ангажман со договор на дело ги дава Министерството за финансии по претходно барање од надлежните министеррства.

Од Клиниката за детски болести тогаш изјавија дека договорците им се потребни за да се обезбеди нормално функционирање на работата на клиниката.

Од Министерството за здравство вчера за „Локално“ одговорија дека барањето од Клиниката за детски болести за ангажирање медицински, помошен и технички персонал навреме го пратиле во Министерство за финансии.

Е.Б.