Пред една година ја презедов одговорноста да го водам Министерството за здравство, период кој не беше лесен ниту едноставен за систем во кој проблемите не можат да се решат преку ноќ, истакна министерот за здравство Азир Алиу во видео обраќање по повод една година од неговото назначување.
Тој нагласи дека здравството претставува еден од најсложените и најчувствителните системи во државата, каде секоја слабост директно ја чувствуваат пациентите, а секоја одлука има сериозна човечка тежина.
Алиу посочи дека во изминатиот период целта не била да се создаде впечаток дека сите проблеми се решени, туку да се појде од реалната состојба на системот.
Според него, здравствениот сектор се соочува со наследени слабости, недоволна организација, нерамномерна достапност на услуги, недостиг на кадар, застарена инфраструктура и систем кој долго време функционирал со хартиена документација и фрагментирани податоци.
Тој додаде дека намерата е проблемите да се решаваат системски, со нов пристап кој вклучува планирање, мерење, дигитализација и поголема ефикасност на услугите.
Во таа насока, Алиу информираше дека е започнат процес на дигитална трансформација, со кој пациентите повеќе нема да мора да носат хартиени извештаи и документација од една во друга институција, туку податоците ќе го следат пациентот, а системот ќе им помага на лекарите во донесување побрзи и побезбедни одлуки.
Тој потсети и на воведувањето на транспарентни листи на чекање, со цел да се обезбеди еднаков и фер пристап до здравствените услуги.
Меѓу проектите што ги истакна е и воведувањето на телемедицина во регионите на Дебар и Делчево, со цел специјалистичката медицинска помош да биде подостапна за граѓаните во помалите и оддалечени средини, каде пациентите најмногу го чувствуваат товарот од патувањето до Скопје.
The post Министерот за здравство ја презентираше едногодишната работа во ресорот appeared first on Прва Скопска ТВ.