Сите лица кои беа повредени во силното невреме што ја зафати државата навремено добиле медицинска помош и се згрижени, информираше министерот за здравство Сашо Клековски. Тој посочи дека здравствените установи низ земјата функционирале без прекин, и покрај материјалните последици предизвикани од невремето.

Во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје лекарска помош побарале 22 лица, од кои двајца пациенти биле задржани на понатамошно болничко лекување. На Клиниката за трауматологија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ биле примени 11 лица, при што кај тројца биле констатирани скршеници. Според министерот, сите повредени се во стабилна здравствена состојба.

Невремето предизвикало штети и на повеќе здравствени објекти. Во ГОБ „8 Септември“ е оштетен дел од старата кровна конструкција, но нема повредени лица, а болницата продолжува со нормално функционирање додека се врши проценка на штетата.

Најсериозни оштетувања се регистрирани во Клиничката болница во Штип, каде што е зафатен дел од кровната конструкција над Одделението за ортопедија и ортопедската операциона сала. До целосното санирање, пациентите со скршеници од Источниот регион привремено ќе бидат упатувани во други здравствени установи. Хоспитализираните пациенти се преместени во безбеден дел од болницата, додека останатите медицински услуги продолжуваат непречено.

Паднати дрвја биле регистрирани и во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во Психијатриската болница во Бардовци, но во овие случаи нема повредени лица. Во Бардовци бил пријавен и краткотраен прекин на електричната енергија, кој во меѓувреме е отстранет.

Клековски информираше дека оштетените здравствени објекти имаат осигурување, а осигурителните компании веќе започнале со проценка на причинетата штета. По завршувањето на проценките ќе започне обновата на оштетените кровни конструкции.

The post Министерот Клековски: Сите повредени навремено добија медицинска помош appeared first on Скопско ЕХО.