Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски вчеравечер на емисијата „24 анализа“ на „ТВ 24“ додека бил претседател на собраниската Комисија за надворешна политика повеќепати испраќал дописи до тогашниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи дека побарале вториот протокол да биде презентиран пред пратениците и да се расправа за него во затворена седница, но, како што рече, тоа не се случило и дека содржината останала недостапна за јавноста.

„Сега веќе не е тајна и може да се види преку тој втор протокол дека се превземени поголеми обврски, односно се дадени поголеми можности бугарската страна преку давање или не давање согласност за работата на историската комисија или за оценки по други сектори како образование учебници и слично да си создава услови за поставување блокади на патот на евроинтеграциите“, изјави Милошоски.

Според него одредени политички актери, меѓу кои, поранешниот министер Бујар Османи и лидерот на СДСМ Венко Филипче, настојувале уставните измени да се прикажат како единствен и еднократен услов, без дополнителни барања но дека посетата во Софија покажала дека уставните измени не се единствениот услов на кој инсистира бугарската страна во однос на напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес.