Јовица Андовски е именуван за директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), на местото на досегашниот директор Оливер Миланов, соопшти Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) преку објава на социјалните мрежи.

Андовски претходно долги години ја извршуваше функцијата заменик-министер за здравство. Од СПМ му честитаа за именувањето и оценија дека неговото искуство, професионалност и посветеност биле препознаени од партиското и државното раководство.

„Благодарност до другарот Оливер Миланов за неговото успешно раководење со Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија во интерес на сите граѓани, како и за достојното претставување на СПМ на чело на оваа исклучително значајна институција. Неговиот вложен труд и несебичен ангажман, високо оценети во СПМ и во јавноста, претставуваат негов личен залог за идно извршување на одговорни и високи должности во ресорот на извршно ниво.

Честитки и за другарот Јовица Андовски, доскорешниот долгогодишен заменик министер за здравство, за неговото именување за директор на АХВ на РМ. Со својата одговорност, сериозност и посветеност кон Социјалистичката партија на Македонија Јовица Андовски претставува пример за приврзан и чесен партиски член чие знаење, професионалност, трудољубивост и стекната доверба во него се препознаени од партиското и државното раководство. Остваруваме понатаму, се вложуваме несебично, продолжуваме по патот на просперитет, во интерес на сите граѓани и во интерес на Република Македонија“, соопштија од СПМ.

Миланов ја презеде директорската функција на 4 јули 2024 година, откако Владата на 2 јули истата година го именуваше за вршител на должноста директор.

Андовски пак ја вршеше функцијата заменик-министер за здравство во периодот од јули 2024 до октомври 2026 година (како и претходно во периодот од 2011 до 2017 година).