Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис разговарал со режисерот Кристофер Нолан за да му честита за успехот на филмот „Одисеја“ и да му се заблагодари за придонесот во зголемувањето на меѓународниот интерес за грчката култура.

Од кабинетот на премиерот соопштиле дека во телефонскиот разговор Мицотакис изразил задоволство што значителен дел од снимањето на филмот се одвивал токму во Грција.

Филмот на Нолан, инспириран од античкиот еп што традиционално му се припишува на Хомер, постигна извонреден успех на киноблагајните. Само за време на премиерниот викенд заработи повеќе од 260 милиони долари ширум светот, а досега вкупната заработка се проценува на речиси 640 милиони долари.

Грчката публика, која често внимателно ги следи странските интерпретации на своето културно наследство, генерално позитивно го прифатила филмот. Токму затоа Мицотакис му честитал на Нолан за неговото видување на речиси 3.000 години старото книжевно дело.

Во соопштението од кабинетот на премиерот се наведува дека тој му се заблагодарил на режисерот за придонесот во зајакнувањето на меѓународниот интерес за античката грчка цивилизација.

– Ваквите продукции претставуваат мост меѓу богатото културно наследство на Грција и современата креативна уметност – се наведува во соопштението.

Нолановата „Одисеја“ е една од најуспешните филмски адаптации на античката епска литература во последните години и веќе се смета за еден од најголемите кино-хитови на годината.

The post МИЦОТАКИС МУ СЕ ЈАВИЛ НА РЕЖИСЕРОТ НА „ОДИСЕЈА“ Грчкиот премиер му честитал на Кристофер Нолан за успехот на филмот appeared first on plusinfo.mk.