Левица во партиско соопштение реагира на економските пораки на Владата и премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека најавите за повисок економски раст не соодветствуваат со секојдневието на граѓаните. Од партијата велат дека паралелно со владините пофалби за економските резултати, државата продолжува да се задолжува, а домаќинствата се соочуваат со повисоки цени и намален животен стандард.

Во реакцијата, Левица посочува дека најавите за нови задолжувања преку државни институции и компании се спротивни на тврдењата за стабилен економски напредок.

„Ако економијата навистина бележи таков раст, тогаш зошто државата од месец во месец бара нови задолжувања, додека граѓаните плаќаат сè поскапа храна, повисоки сметки и живеат со сè понизок животен стандард?“, прашуваат од партијата.

Од Левица оценуваат дека економскиот раст, како што велат, не се чувствува преку подобрување на производството, инвестициите или приходите на граѓаните. Според нив, домашното производство стагнира, земјоделството се соочува со проблеми, а платите не го следат растот на трошоците.

Партијата посочува и на инфлацијата и растот на трошоците за живот, оценувајќи дека граѓаните се соочуваат со сè поголем притисок врз домашните буџети.

„Приказната за ‘економскиот раст’ нема никаква врска со подобрување на домашното производство, инвестициите или животниот стандард на граѓаните“, наведуваат од Левица.

Од опозициската партија упатуваат критики и кон Министерството за економија, прашувајќи каде се конкретните мерки за справување со поскапувањата и заштита на стандардот на населението.

Левица тврди дека голем дел од вработените земаат приходи под просечната плата, додека синдикалната потрошувачка кошничка достигнува високи износи, што според нив покажува дека официјалните економски показатели не ја отсликуваат реалната состојба.

„Не може Владата истовремено да се фали со рекорден економски раст, а секој месец да бара нови кредити. Кога платите стагнираат, цените растат, производството опаѓа, а државата се задолжува од месец во месец, тогаш единственото што расте е товарот што оваа власт им го остава на сегашните и идните генерации“, порачаа од Левица.