Дали дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ ги заборавија вредностите што ги промовира нивниот лидер Христијан Мицкоски? Или случајот со Петар Богојески отвори можност за политичка пресметка, под превезот на колективно згрозување?
Да потсетиме што зборуваше премиерот Христијан Мицкоски, пред неговите сопартијци да побрзаат со осуди за Петар Богојески. На 30 мај 2025 година, од конзервативната конференција CPAC во Будимпешта, Мицкоски ги истакна трите вредности: Бог, татковината и семејството. Порача дека традиционалното семејство мора да се заштити од обидите за негово редефинирање. Извор: МКД.МК – Говорот на Мицкоски во Будимпешта На 6 април 2025 година, пред младите на ВМРО-ДПМНЕ, порача дека формирањето семејство, особено многудетно, претставува израз на современ патриотизам. Тоа беше официјално објавено на интернет-страницата на ВМРО-ДПМНЕ. На 30 септември 2025 година, Мицкоски отиде уште подалеку, нарекувајќи го формирањето многудетно семејство највисок патриотски чин. Извор: Канал 5. Истиот премиер во повеќе наврати предупредуваше за намалениот наталитет, празните училишта и опасноста од исчезнување на народот. Па, што толку различно слушнаа неговите сопартијци кога Петар Богојески отвори дебата за традиционалното семејство, улогите на мажот и жената и демографскиот опстанок? Наместо разговор за суштината на целата телевизиска емисија, јавноста доби краток видеоисечок и масовно споделување осуди. Фразата „машки надзор“, издвоена од поширокиот разговор, доби конотација која ја потисна основната тема. Богојески дополнително објасни дека зборува за машка поддршка, женска грижа и зачувување на традиционалното семејство. Извор: Expres. Марија Митева, како претседателка на Унијата на жени, меѓу првите јавно реагираше, по што следуваа и осипувања на осуди од партиските функционерки.
Но, не се истрчаа баш сите!
И тоа мора да се забележи. Не сите жени на високи партиски и државни позиции се приклучија кон јавниот бран на осуди. Некои останаа воздржани.
Дали ја препознале пошироката поента? Дали ги препознале токму вредностите што Мицкоски ги промовира со години? Или едноставно одбиле да учествуваат во политичка полемика изградена околу краток исечок?
Нивните мотиви не се познати, но едно е важно: не треба сите да се поистоветуваат со оние што јавно се приклучија кон осудите.
И тука доаѓаме до министерката Весна Јаневска.
Додека Мицкоски зборува за зачувување на традицијата и вредностите, Јаневска задржа значаен дел од образовната концепција воведена во времето на Мила Царовска, иако направи одредени измени. За овој континуитет пишуваше и Призма во интервјуто со министерката.
Дали дел од сопартијците на Мицкоски во своето практично дејствување се поблиски до концепцијата на Царовска отколку до вредностите што ги прокламира нивниот лидер?
И уште поважно, кому му одговараше Петар Богојески да стане предмет на толку интензивна јавна осуда?
Дали сè беше спонтана реакција или во партиските кругови постоеше интерес за политичко изолирање на коалицискиот партнер? Дали одредени медиуми помогнаа во создавањето таква атмосфера? За организиран налог нема јавно потврдени докази, но истовременоста на реакциите отвора простор за овие прашања.
На крајот, суштинското прашање е едноставно: дали проблемот беше во вредностите за кои зборува Богојески или во самиот Богојески?
Зашто Мицкоски за традиционалното семејство, патриотизмот и наталитетот зборуваше многупати, јавно и недвосмислено.
Ако тие вредности се дел од политичкиот идентитет на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш неговите функционери треба да објаснат каде ја гледаат границата меѓу нив и ставовите што ги осудуваат.
Можеби најголемата противречност не е меѓу Мицкоски и Богојески, туку меѓу Мицкоски и дел од неговото сопствено политичко опкружување.The post МИЦКОСКИ ЗБОРУВА ЗА БОГ, ТАТКОВИНА И СЕМЕЈСТВО – ДАЛИ НЕГОВИТЕ СОПАРТИЈЦИ ПОВЕЌЕ ЈА РАЗБИРААТ ЦАРОВСКА? appeared first on Politika.