„Сами против сите“ – вака реагираше премиерот Христијан Мицкоски за поразот на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница од кандидатот на ДУИ.

Во истата објава ги обвини политичките противници дека се потпирале на демографијата, националната карта и одвлекување гласови, но и обвини за по „некој тројанец“.

Според бројките што ги наведе Мицкоски, поддршката пораснала од 3.000 на 4.200 гласа. Тој тврди дека во споредба со парламентарните избори има зголемување од 1.300 гласа, но признава дека тоа не го донело посакуваниот исход.

„Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3000 на 4200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1300, но за жал недоволно за целосна победа“, напиша Мицкоски.

Кандидатот на Национална алијанса за интеграција Аркин Јахиј на вториот круг од изборите за градоначалник во Брвеница освоил 4.442 гласа, додека кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Стојанчо Радичевски освоил 4.177 гласови, објави Државната изборна комисија на прес-конференција.

Ова се првичните неофицијални резултати добиени по електронски пат од сите 24 избирачки места во десетте населени места во општина Брвеница. Во вториот круг од гласањето, излезноста беше 54,29 отсто. Гласале 8.820 од 16.256 запишани избирачи.