Премиерот Христијан Мицкоски, денеска упати порака за смирување на јавноста по повод состојбата со „Алта банка“, тврдејќи дека случајот е „увезен проблем“ од соседна Србија и дека македонските граѓани немаат причина за страв. Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот направи паралела со пропаѓањето на „Еуростандард банка“, обвинувајќи ја претходната влада на СДСМ за нејзиното банкротирање, и нагласи дека актуелната состојба е сосема поинаква бидејќи државата ги следи процесите и има инструменти за заштита.

„Според нашите проверки, 95-96% од штедачите се со штедни влогови до 30.000 евра и тие се загарантирани во целосната сума. Да бидат спокојни, до денар ќе им бидат вратени“, изјави Мицкоски. Тој додаде дека и оние што ќе влезат во стечајната маса немаат причина за грижа, бидејќи „активата на банката е можеби два-три пати поголема од побарувањата“, ветувајќи дека „секој доверител, дали е тоа штедач или компанија, ќе биде обесштетен до последниот цент“.

Мицкоски потенцираше дека најголемата закана во моментов доаѓа од опозицијата, која според него шири хистерија за политички поени. Тој посочи две можни сценарија за „Алта банка“: наоѓање нов купувач или стечај. Според него, СДСМ со прес-конференциите пред Народната банка свесно ги одвраќа потенцијалните купувачи кои би можеле да ја консолидираат институцијата. Поради ова, премиерот го повика Јавното обвинителство да реагира. „Редно е и ЈО да се позанимава согласно Кривичниот законик со ова кривично дело саботажа кое го прави опозицијата, креирајќи немир и лаги“, нагласи тој, потсетувајќи дека за вакво дело е предвидена казна затвор од најмалку три години.

Надвор од банкарскиот сектор, Мицкоски изрази загриженост за реперкусиите врз македонското стопанство. Тој откри дека повеќе македонски компании веќе побарале помош од Владата, стравувајќи од банкрот бидејќи нивните српски партнери останале со блокирани средства во матичната „Алта банка“. „Ако таму во брзо време не се консолидира состојбата, ќе имаме многу поголем ланчан систем на банкротства и загубени работни места“, предупреди премиерот, најавувајќи истовремено дека и покрај предизвиците, во декември ќе бидат објавени инвестиции за изградба на три нови фабрики.