Премиерот Христијан Мицкоски не одговори на прашањето кој треба да ја понесе одговорноста за тоа што е дозволен влез на Алта банка Србија во Македонија, односно дали одговорноста е кај гувернерот на Народната банка Трајко Славески или кај министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која вчера пак изјави дека гувернерот не го информирал министерството за влезот на српската банка. Славески за Локално изјави дека Народна банка нема обврска да го известува ниту министерството за финансии ниту Владата ако има продажба на банка, дури и во случај кога државата има акции во таа банка.

-Банката ја купува приватно лице, од приватна банка со приватни сопственици. Трансакцијата се прави во Народната банка, а не во Владата. Нема потреба Владата да биде информирана ниту министерството за финансии да биде информирано. Целокупната трансакција се прави во Народна банка и тука апсолутно стојам зад тоа што го зборувам. Државата преку употребени јавни претпријатија има свои акции во Стопанска Банка Битола. Мислам дека тој процент е многу мал. ние не ги продадовме тие акции кога беше јавната аукција, бидејќи беа Локални избори и бевме ограничени законски и не можевме да оттуѓуваме државен капитал. Откако ја добивме информацијата дека акционерите ги продале своите акции на новиот сопственик, дека тие акции беа повеќе од 80 или 90 проценти. Немаше смисла ние да остануваме сопственици во новото друштво со 2 до 3 процент, и веднаш по завршување на локалните избори во 2025 година донесовме одлука на Влада со која и препорачавме на претпријатијата да ги понудат тие акции ако е заинтересиран сопственикот да ги купи. Тоа е суштината и да бидам внимателен, тоа е редоследно да ви одговорам на прашањето како следеа настаните. Нема обврска народната банка никого да информира кога ќе дојде заинтерсиран да купува банка. Има и друга банка која во моментов се обидува да направи трансакција, мислам дека медиумите ја следеа. Мислам дека Шпаркасе банка сака да купи една друга македонска банка, немаат обврска никого да информираат, изјави за Локално Мицкоски.

Алта банка во Србија неодамна пропадна, а нејзиниот сопственик Давор Мацура беше приведен од српските власти. Српската банка лани ја купи Стопанска банка Битола. Гувернерот Славески викендот излезе со изјава дека банката во Македонија е посебен субјект од банката во Србија, граѓаните да не стравуваат, но дека неделно ќе може да подигаат само 10.000 денари од своите пари кои ги имаат во банката.

Премиерот денеска исто така рече дека граѓаните не треба да стравуваат за своите пари, бидејќи повеќето имаат влогови до 30.000 евра, а и оние со поголеми депозити ќе бидат обесштетени, бидејќи активата на банката за два до три пати е поголема од побарувањата.

-Што се однесува на Алта банка и нејзината аквизиција во Стопанска банка Битола, банката е купена, претходно се запазени сите законски процеси, кои што се моментално дел од македонското апликативно право. Има позитивни мислења од сите институции меѓу кои Комисијата за хартии од вредност, Комисијата за заштита на конкуренција и така натаму. На јавна аукција акционерите ги продаваат акциите на сопственикот, во случајот Алта банка Србија и така стануваат сопственици на Стопанска банка Битола и ја ребрендираат во Алта банка Македонија. Првото сценарио е да се обезбеди купец што ќе оди многу тешко, гледате што прават држат прес конференции пред Народна банка и ги одвраќаат потенцијалните можни купци кои ќе ја консолидираат, а второто сценарио е да оди во стечај. Граѓаните да бидат спокојни и безбедни, според нашите проверки 95% од штедачите се до 30.000 евра и сите ќе бидат обештетени, а истото важи и за останатите бидејќи активата на банката е за два до три пати поголема, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Тој повторно ја обвини опозицијата дека создава хистерија кај јавноста за случајот Алта банка, како што за секоја забелешка и критика од опозицијата вели дека шират невистини и лаги.

-Алта банка е случај во Србија, а кај нас е увезен. Овој случај нема ништо слично со Еуростандард банка, која претходната Влада на СДСМ ја банкротираше откако нивната поранешна министерка за финансии неколку дена пред да ја банкротира извлече депозити од 250.000 евра и тоа е факт. Ние сега имаме увезен проблем кој се случува во нашето соседство. Повеќе сум исплашен за нешто друго во 2025 година трговијата меѓу двете земји беше околу милијарда и 200 милиони евра, Неколку компании македонски ми се јавија кои велат дека мојот партнер е пред банкрот или е банкротиран во Србија бидејќи му се блокирани средства во Алта банка и бараат помош од Владата. Тоа ќе биде поголем проблем, бидејќи бизниси се затвораат, компании банкротираат и ќе остануваат луѓето без своите работни места не само во Србија, туку и кај нас. Тие пари биле дневно обрт на средства во текот на целата година. Ако таму не се консолидира состојбата, ќе имаме многу поголем проблем, изјави Мицкоски.

Е.Б.