
Иако лекарската комисија примила документација и оценила дека градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски требало да се врати на своите работни обврски уште на 30 мај, тој сè уште не е на работното место. Ова отвори сомнежи во јавноста за можна злоупотреба на правото на боледување.
На прашањето до Премиерот Христијан Мицкоски дали ваквото отсуство претставува злоупотреба и како го коментира политичкиот контекст – дека граѓаните на Карпош на избори гласале за Лукровски да ја раководи општината, а не нејзиното водење да биде препуштено на член од Советот – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одби директно да коментира.
„Колку што знам Сотир Лукровски е градоначалник на Карпош, здравствената состојба е таква каква што е и бара мирување и се надевам дека се ќе биде во ред и да се врати на редовно завршување на работите“, одговори премиерот.