Премиерот Христијан Мицкоски денес за „Локално“ изјави дека ноторна лага е дека советниците од Општина Центар гласале за планот „Барутана“ со кој е предвидено на јужната страна на Водно да се градат хациенди. На прашањето дали по вчерашното невреме и штетите предивикани во Скопје ќе побара од советниците на Општина Центар од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да не гласаат за планот, кој веќе во нацрт-фаза беше усвоен од Советот на Центар и за кој во тек е јавна расправа по што треба пак да се најде пред советниците, тој прво рече дека не знае за каков план прашуваме, ниту кои стручњаци предупредиле дека Водно може да се сруши врз Скопје ако се реализира планот.

Потоа додаде дека се сетил за што прашуваме, но дека е лага дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласале за планот.

-Тоа е ноторна лага дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ поддржале план, ако зборувате за иницијатива тоа да се реализира има уште четири-пет чекори да се реализира. Јас јавно како претседател на Владата зборувам дека тој план допрва треба да дојде до институциите кои ги води Владата и ние нема ни милиметар да направиме спротивен на интересите на граѓаните, изјави Мицкоски.

Советот на општина Центар го усвои нацрт-планот со кој се предвидени нови градби на Водно, а за него гласаа советнците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Против беа советниците од независните листи и „Шанса за центар“, а по еден советник од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ исто така гласаа против. Советниците кои бараа планот да не се усвои сепротивеа дека тој е спротивен на Генералниот урбанистички план со објаснување дека предвидените маркички за градба излегуваат од дозволениот габарит со ГУП-от, како и дека нема елаборат за ерозивноста на земиштето.

Професорот Јосиф Јосифовски од Градежниот факултет во Скопје веќе изјави за „Локално“ дека на Водно не смее да се дозволат нови градби без да се има ваква студија, која ќе покаже каде и како може да се гради таму, бидејќи на Водно постои ризик од појава на свлечишта.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски по реакциите од советниците изјави дека со новиот план се потврдуваат само маркичките кои постоеле во претходниот и дека со него се намалува површината за градба, која била предвидена со претходниот.

Премиерот првично рече дека не знае за кој план прашуваме и упати прашањата да ги поставиме до градоначалникот на Центар.

-Навистина не сум запознаен ни кој стручњаци давале изјави, ниту за план кој Општина Центар планира да го носи. Таму е градоначалник од опозицијата, кој што беше промовиран како потпретседател на СДСМ може е посоодветно тоа прашање нему да му го поставите, а се разбира кога ќе дојде во институциите каде ние имаме ингеренции како што е Министерството за транспорт, секако дека нема ни милиметар да направиме што не е во интерес на граѓаните, рече Мицкоски.

Е.Б.