Владата ќе обезбеди помош за граѓаните и деловните субјекти кои претрпеа штети во силното невреме што зафати повеќе делови од Македонија, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека надлежните служби ќе извршат процена на последиците, по што утврдените штети ќе бидат соодветно надоместени. Според премиерот, државата располага со механизми за интервенирање при елементарни непогоди и нема да ги остави погодените граѓани сами да се справуваат со последиците.

Мицкоски упати благодарност до институциите, градоначалниците и екипите кои непосредно по невремето излегле на терен и започнале со расчистување и санирање на штетите.

„Им благодарам на институциите и на градоначалниците кои уште во текот на ноќта беа на терен. Станува збор за невреме од огромни размери, а активностите продолжуваат и денес. Штетите ќе бидат евидентирани и надоместени“, изјави премиерот.

Најсериозни последици се регистрирани на подрачјето на Скопје. Според податоците собрани до 22 часот, оштетени биле 117 автомобили, најчесто поради паднати дрвја и други предмети, како и 35 покриви на станбени и деловни објекти.

Низ скопските улици и паркови биле соборени 189 дрвја, а пријавени се и седум дефекти на семафорската сигнализација и пет пожари поврзани со невремето. Повредени биле десет лица, кои добиле соодветна медицинска помош.

Во изминатите два дена силно невреме погоди повеќе градови и населени места, меѓу кои Скопје, Куманово, Дојран, Струмица и Делчево. Надлежните екипи продолжуваат да ги расчистуваат последиците и да ги утврдуваат размерите на материјалната штета.

The post МИЦКОСКИ СО ВЕТУВАЊЕ: НИКОЈ НЕМА ДА ОСТАНЕ САМ – ШТЕТИТЕ ЌЕ БИДАТ НАДОМЕСТЕНИ! appeared first on Politika.