Политичката партија Левица во соопштение реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека електричната енергија не поскапела, оценувајќи дека таквите тврдења се спротивни на официјалните податоци од Регулаторната комисија за енергетика. Од партијата посочуваат дека имало зголемувања на цената на струјата во јули 2024, јануари 2025 и јануари 2026 година.

„Мицкоски или сам се лаже кога мисли дека нема кој да го слушне, или повторно со политички спин се обидува да ја манипулира јавноста. Тврди дека струјата не поскапела, и покрај тоа што Регулаторната комисија за енергетика официјално објави поскапувања во јули 2024, јануари 2025 и јануари 2026 година“, наведуваат од Левица.

Според партијата, последното зголемување на сметките за електрична енергија за најголем дел од домаќинствата било околу 2,59 проценти, поради што сметаат дека изјавите на премиерот не одговараат на реалната состојба со трошоците на граѓаните.

„Значи, Мицкоски го демантираат сопствените арогантни тврдења. Наместо да признае дека граѓаните плаќаат повисоки сметки се обидува со празни изјави да ја убеди јавноста дека реалноста не постои. Фактите се јасни – цената на струјата е зголемена, а граѓаните тоа го чувствуваат преку повисоките месечни сметки“, стои во реакцијата на Левица.

Од партијата упатуваат критики и за начинот на кој Владата ги менува правилата во енергетскиот сектор, посочувајќи дека, според нив, институциите реагираат брзо кога станува збор за нафтените деривати, но немаат ист пристап кон цената на електричната енергија.

„Симптоматично е и тоа што веднаш сменија правилник кога станува збор за нафтата, а за сезонски и поправедни цени на струјата, кога летно време има евтина соларна енергија, молчат. Кога има промена на цената на берзата за 5 отсто повторно молчат и не ја намалуваат цената на струјата, иако тоа им е според правилникот за работа“, наведуваат од Левица.

Во завршницата на соопштението, партијата порача дека официјалните бројки се најдобар показател за состојбата со цените и дека, според нив, граѓаните не можат да бидат убедени во спротивното со политички изјави.