Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека нема потреба секоја изјава или став на опозицискиот СДСМ да биде предмет на политички коментар, реагирајќи на пораките што беа испратени од последниот конгрес на партијата во однос на евроинтегративниот процес на државата.
Говорејќи пред новинарите за време на посетата на нов производствен капацитет на компанијата „Макпрогрес“ во Виница, Мицкоски рече дека на конгресот на СДСМ не слушнал ништо ново, туку, како што посочи, веќе позната политичка реторика.
Според него, партијата која некогаш имала значајна улога во државотворните процеси денес е насочена кон заштита на сопствени политички интереси. Тој додаде дека Владата нема намера постојано да се занимава со критиките што доаѓаат од опозицијата, туку останува фокусирана на реалните предизвици со кои се соочува државата.
Во меѓувреме, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на партискиот конгрес ја претстави новата идеолошка платформа на социјалдемократите, базирана на европска интеграција, економско-социјални политики и активирање на прогресивниот дел од јавноста. Тој побара Владата да објави конкретен план со рокови за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите со Европската Унија, како и јасна политичка одговорност доколку процесот продолжи да стагнира.
Акцискиот план за малцинствата останува спорно прашање
Одговарајќи на прашања поврзани со Акцискиот план за малцинствата и забелешките што доаѓаат од Бугарија, премиерот истакна дека објаснувањата за блокадите треба да се побараат од официјална Софија.
Тој оцени дека дел од проблемите со кои денес се соочува државата се резултат на одлуки донесени од претходните политички гарнитури, кои, според него, не ги препознале навреме можните последици од одредени договори и обврски.
Мицкоски нагласи дека Владата работи на надминување на сите отворени прашања и дека процесот бара трпение и истрајност. Според него, решенијата не доаѓаат преку ноќ, но изрази уверување дека Македонија ќе успее да ги надмине предизвиците на европскиот пат.
Премиерот потсети дека Акцискиот план е веќе подготвен и усогласен со европски експерти, како и со поголемиот дел од земјите членки на Европската Унија. Сепак, остануваат одредени забелешки од една држава членка, која, како што наведе, има резерви и во однос на други меѓународни иницијативи во кои Македонија сака да се вклучи.
Документот, изработен со поддршка на домашни и меѓународни експерти, содржи конкретни мерки и рокови за унапредување на правата на заедниците во земјата и е подготвен во согласност со европските стандарди.The post МИЦКОСКИ: ПРЕТХОДНИТЕ ВЛАСТИ ОСТАВИЈА ГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ, СЕГА ГИ РЕШАВАМЕ ЕДЕН ПО ЕДЕН! appeared first on Politika.