
Премиерот Христијан Мицкоски, за време на својата посета на Диселдорф, Германија, најави нова голема инвестиција на германската компанија „Гересхајмер“ и отворање на три нови производни капацитети до крајот на годината.
Мицкоски информираше дека по досегашните две инвестиции на „Гересхајмер“ во државава, кои изнесуваат околу 120 милиони евра и обезбедуваат 300 работни места, компанијата има амбициозен план за дополнителна инвестиција. Новото проширување ќе се реализира на 100.000 метри квадратни, со што бројот на вработени ќе се зголеми на 500, а обртот на компанијата во Македонија практично ќе се триплира. Дополнително, премиерот најави дека во декември се очекува официјализирање на три нови производни капацитети од други инвеститори, кои во својот полн капацитет ќе отворат повеќе од 1.000 нови, добро платени работни места.
Во рамки на работниот престој во Германија, премиерот оствари билатерална средба и со премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, најбогатата германска покраина која брои 18 милиони жители и има номинален БДП од над 900 милијарди евра. На средбата било истакнато дека Македонија е единствената држава од шесте земји на Западен Балкан која има потпишано договор за ваков тип билатерална и економска соработка. Мицкоски упатил покана до својот германски колега да ја посети Македонија по завршувањето на изборите во покраината во април следната година, со цел уште посуштинска економска соработка.