
На Македонија не ѝ се потребни нови поделби и изговори, туку успеси, резултати и луѓе кои наоѓаат начин да ги решат проблемите, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на завршниот митинг во Брвеница, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој упати силна порака за обединување под мотото „Една Брвеница за сите“, нагласувајќи дека општината заслужува развој и иднина во која младите ќе остануваат, а секој граѓанин ќе се чувствува како дома, без оглед на неговата национална, верска или политичка припадност. Изборниот караван во оваа општина, според зборовите на Мицкоски, ја покажува јасната определба на народот за тоа каква држава посакува, се наведува во соопштението од партискиот Центар за комуникации.
Зборувајќи за политичкиот амбиент, Мицкоски ги критикуваше оние кои постојано продаваат етнички магли и отвораат национални прашања секогаш кога немаат што реално да понудат. „Патриотизмот не се докажува со националистички пароли, туку со дела, одговорност и човечко почитување“, истакна премиерот, алудирајќи директно на коалицијата предводена од ДУИ која ја сочинува опозицијата во Брвеница. Тој потсети на нивното дводецениско владеење, обвинувајќи ги за сомнителни тендери и блискост со одредени бизнис-кругови, додека истовремено ја занемарувале грижата за обичните граѓани. „Сиромаштијата нема националност. Корупцијата не прашува на кој јазик зборувате. Време е да се стави крај на политиката која ги дели луѓето“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи и на случајот со модуларната болница како пример за неказнивост.
Посебен акцент во своето обраќање Мицкоски стави на младите луѓе и трендот на иселување. Истакнувајќи дека не ги осудува оние кои заминуваат во западноевропските земји барајќи подобар живот, тој вети дека како претседател на Владата ќе работи Македонија да стане земја во која останувањето ќе биде избор, а не заминувањето нужност. Посочувајќи го примерот од мултиетничкото Теново, каде црквата и џамијата стојат една до друга, тој апелираше до граѓаните да не подлегнуваат на политичките поделби. На крајот, тој ги повика сите жители на општината, независно од нивната припадност, в недела масовно да излезат на гласање и да го заокружат бројот 1, давајќи поддршка за Стојанче Радичевски – Цоки, опишувајќи го како кандидат кој може да донесе подобар живот за сите.