Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, денеска оствари работна средба со главниот извршен директор на „Дојче Телеком“, Тимотеус Хетгес, и Доминик Лерој, член на Управниот одбор и извршна директорка за Европа на компанијата. Главна тема на разговорите беа можностите за нови инвестиции и продлабочување на соработката во насока на забрзана дигитална трансформација на Македонија.

Во владината делегација, покрај премиерот, присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски.

Како што соопштија од Владата, на средбата биле разгледани потенцијалите за инвестиции во областа на современите техники во медицината и инженерството, развојот на комуникациите, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста. Посебен акцент бил ставен на амбициите за реализација на концептите за паметен град (smart city), безбеден град и безбедна држава.

Соговорниците размениле мислења и за европската конкурентност, безбедноста и дигиталниот суверенитет како клучни стратешки приоритети за Европа. Се разговарало и за градењето капацитети во областа на „клауд“ (cloud) технологиите и индустриската вештачка интелигенција, кои претставуваат основа за дигитална отпорност.

Средбата со врвот на една од водечките европски телекомуникациски компании се оценува како одлична можност за понатамошно унапредување на соработката, со цел примена на најсовремени технолошки решенија и отворање нови перспективи за дигиталната иднина на државата.