Премиерот Христијан Мицкоски смета дека е смешно новинарското прашање за тоа дали Владата има решение за отпочнување на преговорите со ЕУ, по вчерашната изјава на евроамбасадорот Михалис Рокас дека нон-пејперот на Франција и Германија нема да овозможи старт на преговорите.

-Да еве јас ќе ви кажам дека се уште сум оптимист како човек, иако вие поставивте едно духовито прашање, а за тоа што мислел амбасадорот ќе го прашате него, изјави за „Локално“ премиерот Мицкоски.

Тој одговарајќи на новинарски прашања рече дека по разговорите со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон е оптимист за нивната идеја за измени на начинот на проширување на Унијата. Според него треба да останат оптимисти, и покрај тоа што по вчерашните разговори на министерт за надворешни работи Тимчо Муцунски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова со бугарската претседателка Илијана Јотова нема напредок во решавање на спорот.

-Оптимист сум по разговорот со францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Мерц бидејќи тоа што е разговарано на тој состанок е сосем различно од она што е рагзоварано на вчерашниот состанок. Ние мора да бидеме оптимисти и да работиме, а истовремено да ги штитиме македонските национални интерси и истовремено да не влегуваме во авантура и да не бидеме очајници, изјави Мицкоски.

За барањата на Бугарија која стави вето за отпочнување на преговарачкиот процес во ЕУ за Македонија, според премиерот не се нови барања, туку дека тие се содржани во договорот кој претходната Влада го потпишала пред четири години.

-Тоа се барања кои ние ги видовме уште 2022 година и затоа рековме дека сме против само чекавме уште некој ден да слушне цела Европа но и оние граѓани кои се уште им веруваат и поедници. Тоа не се нови барања тоа се сегашните барања, да бидам попрецизен работата на историската комисија не е формална, таа е суштинска. За нив работата на историската комисија е суштинска и немаме исто гледање на идетнтитетските прашања, за нив македонскиот идентитет е дел од бугарскиот и тоа се суштински прашања кои се присутни уште од пред четири години, изјави Мицкоски.

Тој уште еднаш потенцираше дека бугарските барања не запираат само на промена на Уставот, туку и акцискиот план, работата на историската комисија и протоколот два во кој, како што кажа тој има петнаесетина нови барања.

Е.Б.