Премиерот Христијан Мицкоски повторно ја актуелизираше можноста за предвремени парламентарни избори, испраќајќи уште една порака дека граѓаните наскоро би можеле повторно да одлучуваат за политичкиот правец на државата.

Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на општина Кисела Вода, Мицкоски порача дека Владата веќе се наоѓа во втората половина од мандатот и дека во „брзо време“ ќе следуваат парламентарни избори. Според него, тогаш граѓаните ќе треба да изберат меѓу два различни политички концепта.

„За брзо време, веќе сме во втората половина од нашиот мандат, ќе имаме парламентарни избори, па граѓаните нека одлучат. Дали овие, кои капитулираа, ја ограбија, ја осиромашија и ја уништија Македонија треба да добијат и еден пратеник, или ние, кои нудиме сосема еден нов концепт кој се темели на многу работа, но истовремено бескомпромисна битка и со став за националните интереси“, изјави Мицкоски.

Тој оцени дека на следното гласање ќе се судрат концепт заснован на работа, стабилност и заштита на националните интереси, наспроти концепт кој го поврза со понижување, корупција и политика на „свиткана кичма“.

Ова не е прва ваква најава од премиерот. Во изминатиот период тој во неколку наврати спомена дека избори може да има пред редовниот термин во 2028 година, а неделава дополнително ја отвори можноста тие да се одржат во 2027 година. Иако Владата формално наведува дека претпочита редовен изборен циклус, последните пораки сè повеќе го насочуваат политичкиот фокус кон можноста за предвремено гласање.

Мицкоски истакна дека владејачкото мнозинство е подготвено за избори доколку опозицијата ги побара.

„Подготвени сме секогаш доколку опозицијата бара да излеземе на терен и повторно да победиме“, рече премиерот.

На изјавите на премиерот реагираше СДСМ, обвинувајќи дека Мицкоски ја менува реториката во зависност од политичкиот момент. Од опозициската партија велат дека премиерот претходно тврдел дека нема да има предвремени избори, а сега, како што наведуваат, најавува дека тие се „многу скоро“.

Според СДСМ, ваквите најави се обид за политичко прегрупирање во момент кога власта се соочува со економски и политички притисоци. Од опозицијата дополнително обвинуваат дека Мицкоски често ги менувал позициите по клучни прашања, наведувајќи примери поврзани со Преспанскиот договор, НАТО и најавите за предвремени избори.

Паралелно со изборните пораки, премиерот најави дека од следната недела ќе започнат разговори со коалициските партнери ВРЕДИ и Движењето ЗНАМ за најавената реконструкција на Владата. Мицкоски рече дека прво ќе се разговара за визијата и приоритетите, а потоа за можните кадровски решенија.

„Најпрвин сакам да ја слушнеме визијата, да видиме дали таа визија се поклопува, па дури потоа можеме да зборуваме за кадровски структури“, изјави тој.

Во политичките кругови сè почесто се толкува дека обемот на реконструкцијата може да биде важен показател за плановите на власта. Доколку промените во Владата бидат ограничени, тоа би можело да значи подготовка за изборна трка. Доколку, пак, реконструкцијата биде поширока и подлабока, тогаш власта би можела да испрати порака дека планира да го продолжи мандатот до редовниот термин.

Најновите изборни најави доаѓаат и во период кога ВМРО-ДПМНЕ ја заокружува внатрепартиската реорганизација. На седниците на Извршниот и Централниот комитет биле избрани нови членови на ИК, како и претседатели на повеќе од 30 општински комитети. Мицкоски оцени дека процесот на реструктуирање во партијата е завршен и дека околу една третина од новите луѓе добиваат можност да се докажат во политичкото и организациското работење.

 

Овој процес дополнително ги засили шпекулациите дека владејачката партија се подготвува за можен изборен циклус пред истекот на мандатот.

Дополнителен политички сигнал доаѓа и од процесот на измени во Изборниот законик. Работната група во Министерството за правда ги усогласува измените врз основа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но без целосен политички консензус. СДСМ не учествува во работата на групата, а незадоволство има и кај дел од помалите партии, особено поради тоа што не е отворена суштинска расправа за една изборна единица и отворени листи.

Лидерката на ЛДП, Моника Зајкова, предупреди дека нејзината партија нема да остане дел од процесот доколку не се разговара сериозно за овие прашања. Со тоа, носењето на измените во Изборниот законик би можело да стане уште еден тест за политичката атмосфера во пресрет на можни избори.

Доколку владејачкото мнозинство одлучи да ги турка измените и без поширок консензус, тоа дополнително ќе ја засили тезата дека теренот за предвремени избори веќе се подготвува.

Во прилог на таквите толкувања се наведува и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, кој според последните партиски брифинзи е значително повисок од оној на СДСМ.

Сите овие елементи — изборните пораки на премиерот, владината реконструкција, завршената партиска реорганизација, измените во Изборниот законик и актуелниот рејтинг — го отвораат прашањето дали Македонија навистина влегува во предизборна година порано од очекуваното.

The post МИЦКОСКИ ЈА ФРЛИ ИЗБОРНАТА РАКАВИЦА: ДАЛИ МАКЕДОНИЈА ВЛЕГУВА ВО ПРЕДВРЕМЕНА ПОЛИТИЧКА БУРА? appeared first on Politika.