
Премиерот Христијан Мицкоски повика опозициските парти во парламентот да се однесуваат зрело, да седнат и да се договорат за изборниот законик. Тој рече дека власта ќе прифати се што ќе побара опозицијата и дека ќе донесат Изборен законик како што им одговара токму на опозициските пртии.
-Освен Изборниот законик, другите закони се донесени. Нека седнат во опозицијата и нека се договорат и ние бланко ќе го поддржиме. Апелирам на претседателите наа СДСМ, ДУИ, Левица и на останатите формални и неформални групи нека се договорат, а ние ќе го подржиме. Мора зрело да се однесуваат СДСМ, Левица и ДУИ и да не го блокираат ова и да се донесе Изборниот законик каков што на нив им одговара, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Тој изјави дека останатите закони од реформската агенда се донесени и дека веќе почнале со подготовка на законските измени кои треба да се донесат до крајот на годината. Премиерот додаде дека утрово разговарал со генералниот директор на Директоратот за проширување и источно соседство на Европската комисија, Герт Јан Копман за исполнување на обврските од реформската агенда.
-Имавме онлајн врска со господинот Копман во Брисел и разговараме за оние закони кои треба да се донесат до декември ова година и денес добивме комплимент дека сме први од земјите кандидатки, дека почнуваме со овој дел од законите, за разлика од земјите кои немаат ни намера да почнат, изјави Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на денешната седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции изјави дека во извештаите на европската комисија отворено стои за влијанието на оваа власт врз правосудството, независноста на правосудството, отвореното влијание од страна на највисоките инстанци на власта, слабиот перформанс во борбата со корупцијата и влијанието на т.н. „српски свет“.
„Се поставува прашањето дали намерното запирање на европскиот пат не е форма на државен удар. Кога се знае што треба да се направи, кога ниту едно поглавје не е отворено, а четири земји кандидати за Европската Унија одржаа меѓувладини конференции во еден ден – Албанија и Црна Гора, понатаму Молдавија и Украина, кои видовме како го решија проблемот со Унгарија по смената на власта во Унгарија. Имаше проблем со малцинството, па го надминаа со разговори и со преговори. Очигледно е дека не одиме напред. Ние сме единствената земја која нема отворено поглавје за преговори, додека овие четири земји кандидати очигледно ќе бидат следните земји членки на Европската Унија“, изјави од собраниската говорница денес, Филипче.
Е.Б.