
Гостивар утре ќе добие технички исправна вода за пиење рече премиерот Христијан Мицковски во одговор на новинарско прашање, при увидот на изградбата на клучката кај Момин Поток.
-Екипи од Скопје од Водовод се во Гостивар и работата на хиперхлорирање. Очекувам денес иако резултатите се добри, да бидеме конзерватини и да речеме утре дека водата за пиење е технички исправна за користење. Во рекорден рок од една недела тоа се санираше. Така што ние како влада што може да го направиме, го правиме, изјави Мискоски.
На прашањето како ќе одговори на обвинувањата од опозициската СДСМ која побара одговорност за труењето на водата во Гостивар, премиерот рече дека Обвинителството веќе лоцирало одговорност, а дека ќе продолжат и ако е потребно ќе лоцираат и нова одговорност.
-Целосна одговорност и целосна ингеренција за тоа што се случи во Гостивар досега е лоцирана од страна на Обвинителството. Понатаму тие ќе продолжат и ако е потребно и нова одговорност да биде лоцирана од страна на државата. Иако тоа не се наши ингеренции ние обезбедивме веднаш вода за пиење, благодарам на сите што се јавија со донации што се приклучија и го направија побезбеден животот на гостиварци, рече премиерот.
На новинарско прашање за обинувањата од СДСМ дека власта не само со Гостивар затаила и со одговорот и на состојбата во болницата во Лешок, каде исто така водата за пиење не е исправна тој рече дека го следи процесот и дека опозицијата мафта со стари резултати.
-Го следам процесот и ги следам политиките на опозицијата и често се трудам да не ги коментирам, бидејќи нема суштина за коментирање. Но, гледам тука дека мавтаат со извештаи и тоа извештаи за периодот кога претседателот на СДСМ бил министер за здравство. Од тоа време покажуваат извештаи. Но, тоа е нивна политика, а нивната политика е да конструираат лаги и да шират хистерија, изјави Мицкоски.
Тој рече дека се чуди зошто опозицијата не излегла со критика на раководството на Општина Гостивар, кое доаѓа од политичка партија која СДСМ ја поддржала на локалните избори
-Можеби ја пропуштија таа вистинска шанса. Но, знаете дека на нашата политичка сцена има многу лешинари, кои се обидуваат да добијат поени, а не сфаќаат дека им се враќа како бумеранг, изјави Мицкоски.