Премиерот Христијан Мицкоски упати критики кон бугарскиот претседател Румен Радев, оценувајќи дека неговите пораки за почитување на човековите права и европските вредности не се во согласност со односот кон македонската заедница во Бугарија.
Одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Институтот за јавно здравје, Мицкоски посочи дека е неприфатливо да се зборува за човекови права, а истовремено да не се спроведуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на правата на Македонците во Бугарија.
„Европските принципи мора да важат подеднакво за сите. Не може да се повикувате на човекови права, а во исто време да постојат нерешени случаи и пресуди кои не се почитуваат“, истакна премиерот.
Тој се осврна и на разговорите што ги имал на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Според него, темата за евроинтеграциите и уставните измени била дел од разговорите, при што двајцата европски лидери покажале сериозен интерес за состојбата и можните решенија.
Мицкоски нагласи дека Владата не бега од дијалог и е подготвена да разговара за сите отворени прашања, но нема да прифаќа решенија кои би биле на штета на националните интереси.
Тој повтори дека уставните измени се обврска преземена од претходната влада и дека тие се поврзани со отворањето на преговарачките поглавја со Европската Унија. Сепак, подвлече дека нема да даде поддршка за таков чекор без цврсти гаранции дека процесот на пристапување ќе има јасна завршница и дека во иднина нема да се отвораат нови билатерални или идентитетски прашања.
„Додека сум премиер, нема да поддржам уставни измени ако не постои јасна гаранција дека Македонија ќе може да го започне и заврши европскиот пат без дополнителни условувања“, порача Мицкоски.
Тој оцени дека иницијативите за постепено интегрирање на земјите од Западен Балкан во европските институции претставуваат позитивен сигнал, бидејќи ќе овозможат поголемо присуство на земјите кандидати во процесите на одлучување и почеста комуникација со Брисел.
Во однос на Акцискиот план за малцинствата, премиерот информираше дека документот е подготвен во координација со експерт препорачан од Европската Унија. Според него, речиси сите земји-членки го поддржале планот без забелешки, додека само една држава доставила дополнителни коментари.
Мицкоски не откри детали за содржината на тие забелешки, но посочи дека Владата останува посветена на реформите и исполнувањето на европските стандарди, без да прифаќа решенија што би значеле нови отстапки без јасна перспектива за членство во Европската Унија.The post МИЦКОСКИ ГО ПРЕКИНА МОЛКОТ ЗА НАЈЧУВСТВИТЕЛНАТА ТЕМА appeared first on Politika.