
Денеска ќе имаме завршно обраќање пред жителите на Брвеница. ВМРО-ДПМНЕ во секоја кампања влегува со цел да победи, така и во оваа кампања во Брвеница, во вториот круг. Во првиот круг имавме најмногу гласови, речиси 3000, очекуваме тој број на гласови да го зголемиме, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на вториот круг за избор на градоначалник на општина Брвеница.
-Нашата цел е да бидеме над 4000 гласа и со тоа цениме дека ќе имаме победа во Брвеница. ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата секогаш во избори влегува за да победи. Ние за разлика од политичките партии кои што се обединија околу против кандидатот, се обраќавме на жителите на Брвеница. Тие создаваа етничка поделба, без притоа да водат сметка дека тие ќе заминат на 2-ри, а таму ќе останат луѓето да живеат. И Македонци, и Албанци и останати. И христијани и муслимани. За жал, водеа една таква кампања која што не доликува за 21 век, но тоа е што е. Тие ценат дека така ќе добијат градоначалник повеќе во Брвеница, истакна премиерот.
Мицкоски рече дека таквите политичари имале можност повеќе од две децении да направат нешто, но оставиле нула.
Според изборните податоци, од вкупно 16.256 запишани избирачи во Општина Брвеница, на гласање излегле 7.565 граѓани, што претставува излезност од 46,56 проценти. Регистрирани се 160 неважечки гласачки ливчиња.
Според податоците за првиот круг објавени од ДИК, Радически, кандидат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освоил 2.943 гласови, односно 38,90 проценти, додека Јахиј од коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, добил поддршка од 2.152 избирачи или 28,45 проценти.