Во природата и општеството постојат универзални матрици кои ги трансцендираат историските  конкретни екстраполации на колективната свест па дури и модели на однесување и мислење – кај Македонскиот народ, на пример, една универзална константа, модел кои се појавува со векови е коте-вци од руља, како синоним на национални предавства за поголем или помал грст жолтици. Во секој период на историскиот развиток на Македонскиот народ ќе пронајдете котевци, од времето на Самоил преку велјан од речица до оние удбашки фунционери во времето на Тито кои дозволиле повеќе десетици илјади Македонци прогонети од беломорска Македонија да ги раселат низ Војводина и источна Европа наместо во Дебар или Тетово, па се до денешните мициња – сите тие се предавници (првенствено во политичка смисла) на највисоките идеали и вредности на Македонската идеологија и парадигма; сите тие за златници и функционерски фотељи ги предадоа вредносните вертикали на Македонскиот народ, идеалите на вековната борба на народот за своја, суверена држава.

Една понова универзална матрица на природна реакција кај нормалните луѓе кога ќе види мице е прво смеење, потоа тага со примеси на сожалување, потоа лутина и на крај пак смеење, овојпат повеќе – тоа е затворената квадратура на кругот на секој нормален Македонец, не-мице, кога на пример ќе го слушне оној нивниот „полковник“ како зборува на албански јазик, некои велат со мошне добар акцент што веројатно се должи или на природната наклонетост за зборување на албански јазик или на посета на јазични курсеви за учење албански – мене лично оваа втора варијанта ми изгледа пореална. И навистина, како милно звучи, како во некоја драма на Чехов, албанскиот на „полковникот“ што порано овде мицињата „го продаваа“ како патриот од АРМ кој учествувал во битки со учк-она, а кога тоа, наеднаш, ете, „полковникот“ прозборе албански башка што седи во иста влада-режим-власт со командант на бригада на учк-она. Јак патриот, нема што. Во врска со учењето албански јазик, не би било изненадување тие таму во белата палата сите, топ-тан да одат на интензивен курс по албански јазик, впрочем, еден од „столбовите а ла коте од руља“ на нивниот режим е токму  политичкото коленичење пред Меџити, Касами и Гаши, котевската сервилност кон нивните големоалбански националистички агенди. Современите котевци од руља, мицињата, за власт (читај тендери и високи буџетски, фунционерски плати) ако треба и ескимски ќе учат, па камоли албански, претпоставувам. Да сум во можност, би им донирал ваучери на сите мициња за бесплатен курс по албански јазик; за секое мице албански јазик, таман.

Впрочем, од самиот настанок на мицињата пред десетина години и паралелниот процес на исчезнување на ВМРО во мицково дпмне тие во ист миг се трансформираа во котевци – да бидеш мице значи дека си автоматски, со самото тоа, само по себе и за себе што би рекол Хегел, и коте бидејќи суштината на мицковизмот е предавство на идеалите на ВМРО и историската идеологија на Македонскиот народ. И на персонално ниво – на пример кога дојде време еден лик, долгогодишен (децениски) директор на нво да стане вмро-овец, односно не само што има државна функција во режимот на дпмне туку е и висок партиски функционер (некаде прочитав дека бил во некоја комисија за избор на претседатели на општински комитети или така некако а беше и можеби е и сеуште член на ИК на дпмне), или кога Гордана која од горда југословенка (има снимка за тоа) преку меил адреса гога сорос стаса до претседател на државата како кандидат на дпмне мицково, па и самото прво мице, што друго да се каже, што велат Србите, а не заплакати односно се смее нормален човек, што значи не-мицињата. Истото котевство од руља како универзален модел на однесување и мислење се огледува уште повеќе и побитно и на политичко ниво – од кооперативноста при промената на името и бришењето на голем дел од Македонската историја, преку веројатно намерното внесување конфузија за пописот по што сега сме само околу 50 проценти Македонски народ во однос на малцинствата во државата, се до намерното туркање на државата се подалеку од денес веќе единствениот излез па дури и круцијален услов за егзистенцијален опстанок на Македонскиот народ – ЕУ, со гебелсова пропаганда против впишувањето на Бугарското малцинство во Уставот за да останат и понатаму без никаква контрола во диктаторското а според некои информации и криминално владеење наспроти се поголемата сиромаштија на Македонскиот народ. Во врска со ова последното, приказната за внесувањето на Бугарското малцинство т.е. дел од Бугарскиот народ во Уставот што ќе значи почеток на интеграција во ЕУ, на дело е веќе класичниот манипулативен модел на агит-проп на мицињата. А, зарем дури сега дознале за вековната митологија на голем дел од релевантните фактори во Бугарската држава во однос на историските интерпретации во врска со територијата на Македонија и историскиот идентитет на Македонскиот  народ? Па, секој нормален човек, не-мице, знае дека тоа е доминантна државна стратегија и политика на Бугарија, вулгаризирано,  дека ние сме творба на тито и коминтерната, дека до АСНОМ сме биле Бугари, дека Македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик и слични будалаштини.

Ние, нормалниот народ, не-мицињата, дека тоа е позиција на Бугарската политика го знаеме одамна но целта на умната политика на еден народ е да се пронајдат ефективни решенија кои ќе ги неутрализираат или елиминираат овие митолошки приказни и соништа од политичкиот дискурс  а тоа дпмне мицково не само што не го прави туку токму напротив, со свесни провокации го заострува проблемот со цел непречено да владее надвор од ЕУ и се богатат без никаква опасност по себеси во политичка смисла (оние од венково-заево Сдсм се толку небитни што две децении минимум мицињата ќе владеат, дури и ако Тимчо го направат прво мице откако овој сегашниот односно сегашното прво мице го оствари ветувањето-најавата дека ќе си замине во 2028 година кај студентите на машински факултет). Како што нашиот, Македонски сон и митолошка нарација е природна, обединета Македонија со Егеј и Пирин така и Бугарите и Грците, и Србите и Албанците си имаат свои соништа, но нивната реализација во 21 век е условена од премногу фактори кои на некој начин истата ја прават невозможна. И така, на тој начин, мицињата, современите котевци од руља додека глумат патриоти секојдневно се богатат, а припростите им веруваат дека стварно причините за не-внесување на Бугарите во Устав кои нивните медиумски палјачовци платеници ги амплифицираат се акт на патриотизам, а токму обратно е.

Има и една друга универзална матрица на природна реакција која додуше е во првичен стадиум на настанок и развиток, но отприлика може научно да се дефинира како реакција – не им верувај на мицињата кога зборуваат за било што. Така и за ова со Бугарија и ЕУ – наједноставен начин за демаскирање на лагите на мицињата и развивање природен политички имунитет на ждановистичкиот агит-проп на котевците мициња (всушност, тоа е веќе синоним: мициња-котевци) е да не веруваш во ништо кое тие ќе го кажат, дури и ако ти се причини за миг дека не лажат; после две секунди ќе сфатиш дека сепак било лага за власт и тендери и високи функционерски буџетски плати. Дури и како методолошки критериум мора да се знае дека вистината е токму обратно од она што тие го кажуваат или некој нивен платеник, без разлика дали станува збор за козар, директор или советник на првото мице а порано со драматични текстови и реакции против мицково дпмне. После грст златници кај што си плукал таму лижеш, така метафорично да се каже за таквите на кои им фрлија мрсни коски па престанаа да ги критикуваат мицињата. Многу котевци од руља се накотија во мициленд, мициленд е дувло на котевци, мициленд е синоним за котевци. А народот знае кои и што се коте-вци и мициленд.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.