Ветер со ураганска јачина ја зафати земјава – во Скопје и во струмичко Ново Село достигнал брзина од 130 километри на час, во Штип 134. Овие оркански удари се ретка појава на нашето поднебје, но кога се случуваат предизвикуваат силни разорувања и штети и се опасност по безбедноста на граѓаните. За 20-тина минути, ураганскиот ветер во главниот град откорна речиси 200 дрвја, однесе 35 покриви на згради и болници, оштети стотина автомобили, а некои населени места останаа без струја. Оштетен и препознатливиот часовник на Музејот на Град Скопје кој го означува времето на катастрофалниот земјотрес.

За овој редок феномен со орканска јачина во Македонија, професорот и доктор по метеоролошки науки, Владо Спиридонов вели дека според метеоролошките анализи, првите конвективни јадра се иницирале во попладневните часови долж Динарскиот планински систем над Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Под влијание на изразената атмосферска нестабилност и силното вертикално смолкнување на ветерот, бурите брзо се организирале во моќни и долготрајни конвективни системи кои се движеа од северозапад кон југоисток.

-Вертикалните радарски пресеци открија развој на облачниот систем до височина од околу 16–17 километри, што е показател за исклучително силни вертикални струења и длабока конвекција. Ваквите параметри се карактеристични за силни до екстремно силни грмотевични бури способни да продуцираат крупен град, интензивни врнежи и разорни ветрови. Пред самиот удар на невремето над Скопје се формираше масивна облачна структура на предниот раб од бурата, која беше јасно видлива од повеќе делови на градот. Ваквите облачни формации најчесто се поврзани со силни грмотевични бури и претставуваат најава за нагло засилување на ветерот и влошување на временските услови, потенцира Спиридонов.

УХМР, повикувајќи се на податоци од Националната мрежа на автоматски метеоролошки станици, информира дека на 21 јули биле регистрирани исклучително високи вредности на удари на ветер, приближни до историските рекорди. Последен пат ваков урагански ветер ја зафатил земјата во јули 2012 година, кога во штипскиот регион е измерен ветер со јачина од 155 километри на час. Во февруари 1990-тата, УХМР регистрирал ветар во главниот град со оваа рекордна брзина и до завчера, повеќе од 36 години немало толку силни удари на ветер во Скопје.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Спиридонов посочува дека фотографиите направени непосредно пред невремето покажуваат облачна формација која визуелно наликува на структура што често се забележува кај суперќелиски и високо организирани грмотевични бури.

-Најголемата опасност овојпат не беа врнежите или градот, туку екстремно силните праволиниски ветрови (straight-line winds) и моќните „downburst“ процеси. Токму овие силни  удари на ветерот беа главната причина за големиот број паднати и откорнати дрвја, оштетени возила, покривни конструкции и инфраструктурни објекти во Скопје и на повеќе други локации низ државата.

Анализата на синоптичката состојба, сателитските и радарските податоци, електричната активност и регистрираната штета укажуваат дека Македонија беше погодена од високо организиран конвективен систем со суперкелиски карактеристики и силно изразен фронтален бран. Иако на одделни локации беа регистрирани поројни врнежи и интензивни електрични празнења, главната опасност беа разорните ветровни удари кои предизвикаа значителни материјални штети, констатира Спиридонов, оценувајќи дека ова невреме уште еднаш ја потврди потребата од навремено предупредување, превентивно дејствување и развој на современ мултихазарден систем за рана најава, кој ќе овозможи брзо информирање на граѓаните и институциите за претстојни опасни временски и климатски појави преку современи комуникациски канали, вклучително и мобилна апликација.

Суперќелиските бури се меѓу најопасните форми на летно невреме. За разлика од обичните грмотевични облаци, тие имаат ротирачко јадро, што им овозможува да траат подолго, да се движат поорганизирано и да создадат многу поинтензивни временски појави.

Во пракса, ваквите бури можат за кратко време да донесат крупен град, ветер што крши гранки и оштетува кровови, пороен дожд што создава поплави и опасни електрични празнења. Токму затоа метеоролошките служби апелираат граѓаните да ги следат официјалните предупредувања и да избегнуваат престој на отворено за време на невреме.

Овие бури се уште еден потсетник дека летните невремиња во Европа стануваат сè посложени за следење и сè поопасни на локално ниво. Дури и кога предупредувањата важат за поширок регион, најсилните појави често се случуваат на ограничени подрачја, каде за неколку минути може да се создадат услови за штети, прекини на струја и поплави.

Н.П.