Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел смета дека по 77 години постоење на Сојузна Република Германија е време на чело на државата да застане жена. Таа повика наследникот на актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер да биде жена, но не посочи конкретно име за функцијата.

Во интервју за германската телевизија „Магента ТВ“, во емисијата „Бестбесетцунг“ со Јоханес Б. Кернер, Меркел ја отвори темата за изборот на нов претседател, кој треба да го наследи Штајнмајер по истекот на неговиот втор мандат.

„Имаме 77 години историја на Сојузна Република Германија, а никогаш досега немало жена на функцијата претседател“, изјави Меркел, додавајќи дека секој треба да се запраша дали конечно не е време тоа да се промени.

„Познавам луѓе кои се родени како жени и кои би можеле да ја извршуваат таа функција“, рече поранешната канцеларка, без да открие на кого конкретно мисли.

Според германските медиуми, изборот на наследникот на Штајнмајер веќе е предмет на политички консултации. Мандатот на актуелниот претседател завршува на 18 март 2027 година, а Сојузното собрание треба да го избере неговиот наследник на 30 јануари.

Меѓу имињата што се споменуваат во политичките кругови се претседателката на Баварскиот покраински парламент Илзе Ајгнер, претседателката на Бундестагот Јулија Клекнер, министерката за образование Карин Приен и поранешната претседателка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер. Лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, веќе подолго време ја поддржува кандидатурата на Ајгнер.

Меркел ја оцени актуелната дебата за изборот на новиот претседател како „чудна“ и предупреди на, како што рече, „лош тон“ во политичките дискусии.

Таа упати и критики кон актуелниот курс на сопствената партија ЦДУ, нагласувајќи дека нејзината политика не треба да се сведува само на економски прашања, туку и на поврзување на различните делови од општеството.

„ЦДУ отсекогаш значеше градење мостови во сите насоки на општеството, а тоа повторно мора да дојде во преден план“, порача Меркел.