
Притисокот врз германскиот канцелар Фридрих Мерц расте по реконструкцијата на кабинетот која предизвика големо незадоволство внатре во неговата партија. Тој потег дополнително ја доведе во прашање способноста на владата да се справи со зајакнувањето на десницата во пресрет на клучните покраински избори во септември, пишува „Ројтерс“.
Конзервативните пратеници во среда ќе гласаат за предлогот на Мерц, Торстен Фрај да стане нов претседател на пратеничката група. Иако станува збор за формалност, неочекувано тесниот резултат би можел дополнително да го оптовари канцеларот по повеќедневните внатрепартиски судири.
По проблематичната прва година од мандатот, конзервативниот блок на Мерц ЦДУ/ЦСУ во анкетите заостанува зад десничарската Алтернатива за Германија. Постои реална можност АфД во септември за првпат да освои власт на покраинско ниво.
Фрај ќе има централна улога во координацијата со социјалдемократите, малцинскиот партнер во владејачката коалиција. Негова задача ќе биде да обезбеди поддршка за реформите со кои Мерц има намера да го поттикне растот на најголемата европска економија.
Според анкетата што во вторникот ја објавија „РТЛ“ и „ntv“, личната популарност на канцеларот Мерц е исклучително ниска. Неговата работа ја одобруваат само 15 отсто од испитаниците, а го поддржуваат едвај 49 отсто од симпатизерите на сопствената партија. Истата анкета покажува дека АфД за првпат ги престигна конзервативците и според перцепцијата за компетентност за решавање на проблемите во Германија.
„Настаните од изминатата недела сериозно му наштетија на угледот на Мерц внатре во ЦДУ“, изјави за Ројтерс еден член на сојузниот извршен одбор на партијата. Мерц, од друга страна, очекува ситуацијата да се смири до септември, кога парламентот повторно се состанува и кога новите министри треба да дадат свечена заклетва. „Верувам дека напрегнатоста до септември ќе се намали“, порача тој.
Неговата позиција е во целосна спротивност со позицијата на неговата претходничка и некогашна политичка ривалка Ангела Меркел. Таа во текот на 16-те години на власт редовно беше попопуларна од сопствената партија.
Промените ги поттикна ненадејната оставка на Јенс Шпан, еден од водечките луѓе во партијата. Шпан се повлече откако одлучи да стане татко со помош на сурогат-мајка во странство, иако во Германија претходно се залагаше за забрана на таа практика. Мерц за наследник на Шпан го именуваше својот шеф на кабинет Торстен Фрај, а досегашната министерка за здравство Нина Варкен ја постави за нова шефица на кабинетот.
Освен тоа, Мерц го смени и министерот за сообраќај Патрик Шнидер, што ги разгневи конзервативците во матичната покраина на Шнидер, Рајнланд-Пфалц. Во писмото кое доспеа во јавноста, тамошните конзервативни пратеници одбија средба со Мерц. Порачаа дека таквата средба „бара барем минимално ниво на меѓусебна доверба и почит“.
Сепак, краткорочно, позицијата на Мерц изгледа сигурна бидејќи нема јасни алтернативи, а со заминувањето на Шпан исчезна и еден од неговите можни внатрепартиски ривали.
АфД во моментов води во националните анкети со 27 отсто поддршка, додека конзервативците се на 21 отсто, што е нивен најлош резултат од сојузните избори минатата година. Во септември се одржуваат избори во источните покраини Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Предна Померанија.
АфД е особено силна на подрачјето на поранешна Источна Германија и во партијата се надеваат дека добриот резултат таму ќе им помогне во остварувањето успех и на национално ниво. Популарноста на АфД порасна поради нивниот остар став за миграцијата.
Таа тема е повторно во центарот на вниманието по смртоносниот напад врз парадата на гордоста во Берлин минатиот викенд. Напаѓачот, кого полицијата го уби, властите го опишаа како германски државјанин со либанско потекло кој искажал лојалност кон Исламската држава.
АфД го искористи и незадоволството внатре во владата поради реконструкцијата. Тино Зорге, сменетиот државен секретар во министерството за здравство, остро реагираше бидејќи за смената дознал од медиумите, а не директно од Мерц. Зорге инаку доаѓа од покраината Саксонија-Анхалт.
Копретседателот на АфД, Тино Крупала, објави на социјалната мрежа „X“ дека Мерц во случајот со Зорге „не сменува само докажан стручњак, туку од владата отстранува и претставник на источна Германија“. Крупала односот на Мерц кон соработниците го нарече „ладен и неправеден“.