
Германскиот канцелар Фридрих Мерц во петокот ги прераспредели највисоките функции во власта додека се обидува да ја подобри позицијата на својата непопуларна влада во пресрет на регионалните избори.
Мерц наведе дека министерката за здравство Нина Варкен преминува во Канцеларијата на канцеларот, каде што ќе го замени Торстен Фрај, кој станува нов парламентарен лидер на ЦДУ (CDU).
Варкен на челото на Министерството за здравство ќе ја наследи генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман, додека Филип Амтор ќе стане нов државен министер за сојузно-покраински односи.
Делумна причина за овие промени е и оставката на Јенс Шпан, поранешниот лидер на парламентарната група на ЦДУ. Тој поднесе оставка откако беше објавено дека добил дете со својот сопруг преку сурогат-мајчинство, против кое неговата партија се бори во Германија.
Најавени се уште смени
Како што пишува „Билд“, ова не е крај на промените. Мерц планира да го смени министерот за транспорт Патрик Шнидер, а причината за таквиот потег е општото незадоволство од работата во неговиот ресор.
Германскиот канцелар е особено незадоволен од недостатокот на градежни работи на железничката инфраструктура, а „Билд“ наведува дека проблемот не е финансирањето, туку недостатокот на активност од страна на Шнидер.
Овој германски весник понатаму наведува дека Шнидер набрзо ќе биде сменет, додека министерката за економски прашања и енергетика Катерина Рајхе добила предупредување.
Мерц дојде на чело на германската влада пред помалку од 15 месеци со ветувања дека ќе спроведе реформи и ќе ја задвижи најголемата европска економија по годините на стагнација.
Сепак, тој економски пресврт засега оди бавно. Поради тоа, коалицијата на неговиот конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ и СПД, две традиционално ривалски партии од центарот, сè уште не успеа да ги убеди гласачите дека може да испорача конкретни резултати.
Промените во врвот на власта доаѓаат пред регионалните избори на кои крајно десничарската партија би можела да го добие својот прв покраински премиер. Тоа дополнително го зголемува притисокот врз Мерц, чија влада се обидува да ја стабилизира поддршката во момент кога незадоволството кај гласачите расте.