Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави решителен одговор на насилството за време на протестите во Германија, по судирите во Франкфурт, во кои беа повредени повеќе од 100 полицајци, а беа ограбени и оштетени продавници. Истовремено, тој нагласи дека мнозинството млади луѓе протестирале мирно и дека нивните барања заслужуваат внимание.

„Насилството нема место на нашите улици и мојата влада нема да покаже толеранција во овој поглед. Секој што напаѓа полицајци и персонал на службите за итни случаи и ограбува продавници, ја напаѓа нашата слобода, се потсмева на општеството и легитимните интереси на младите луѓе. Прекршителите ќе ја почувствуваат целата сила на законот“, се наведува во говорниот текст на Мерц, пренесен од германските медиуми.

Според „Зидојче цајтунг“, кој објави делови од говорот што Мерц требаше да го одржи пред раководителите на окружните организации на неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ), канцеларот истовремено испратил порака дека политичката активност на младите е позитивен знак.

„Пред сè, од викендот носам позитивна порака: младата генерација е политички активна и се грижи за својата иднина“, се наведува во неговото обраќање.

Мерц посочил дека владата сака да им овозможи подобра иднина на младите и дека не смее да им ги префрла товарите на општеството што старее.

„Мнозинството млади луѓе демонстрираа мирно, затоа треба да ги задржиме работите во вистинска перспектива“, порачал германскиот канцелар.

Изјавите на Мерц доаѓаат по насилните инциденти што избувнаа во саботата вечерта во Франкфурт, по демонстрациите организирани од младинското движење „Ген Зи регелт“ (Gen Z regelt).

Протестите се одржаа во повеќе од 30 германски градови, а учесниците бараа поголеми инвестиции во образованието, мерки за справување со растечките трошоци за живот, активности против климатските промени и отфрлање на плановите за повторно воведување задолжителна воена служба.

Според податоците што ги соопштија властите во покраината Хесен, во Франкфурт биле повредени повеќе од 100 полицајци, оштетени 17 продавници, од кои пет биле ограбени. Полицијата уапсила 54 лица на возраст од 13 до 29 години.

За време на инцидентите биле фрлани камења, шишиња и молотови коктели кон полицијата и службите за итни случаи.

Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт најави строги казни за одговорните за насилството. Тој оцени дека насилни левичарски групи и лица од мигрантските заедници ги презеле протестите, но не изнесе конкретни докази за тие тврдења.

Организаторите на протестите, од своја страна, се оградија од насилството и соопштија дека немале влијание врз случувањата по завршувањето на демонстрациите.

Германските власти наведуваат дека најголемиот дел од протестите поминале мирно.