
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека имигрантите од исламските земји кои не ја прифаќаат историската одговорност на Германија за холокаустот мора да ја напуштат земјата. Тоа го кажа на приемот за еврејските спортисти кои се пожалиле дека се плашат јавно да ја носат Давидовата ѕвезда.
Мерц зборуваше во петокот во Канцеларскиот дом во Берлин, на приемот за освојувачите на медали од овогодишните Макабејски игри. Неговите зборови ги пренесува германската новинска агенција ДПА (dpa).
„Оваа историска одговорност на нашата земја подеднакво се однесува и на оние кои доаѓаат во Германија од исламските земји. И секој што не се придржува до тоа мора да ја напушти нашата земја“, рече Мерц.
Според извештаите од приемот, изјавата ја дал откако тренерот на кошаркарската екипа му рекол дека неговите играчи стравуваат јавно да носат репрезентативни јакни со Давидовата ѕвезда.
Канцеларот се повика на говорот што поранешниот германски претседател Рихард фон Вајцзекер го одржа во Бундестагот во 1985 година. Вајцзекер тогаш порача дека младите Германци не се виновни за Холокаустот, но се одговорни за она што тој го оставил зад себе.
„Тоа се однесува на целото германско општество. А јас, со оглед на сегашните околности, би додал дека тоа се однесува и на имигрантите кои доаѓаат во Германија“, изјави Мерц и додаде дека тие зборови ги смета за непроменливи.