
Лидерот на француската левица, Жан-Лик Меланшон, порача дека, доколку стане претседател, француските бродови по потреба ќе ги придружуваат цивилните флотили што се обидуваат да стигнат до Газа, и дека нема да ја прифатат постепената анексија на Западниот Брег, јужен Либан и Голан.
Меланшон, лидерот на партијата Непокорена Франција (La France Insoumise) и кандидат на претседателските избори во 2027 година, тоа го кажа во саботата на голем собир во Ле Бурже кај Париз, каде што го претстави својот изборен програм.
„Ќе дејствуваме фронтално во помош на Палестинците, и против геноцидот во Газа и против постепената анексија на Западниот Брег. Француските бродови, доколку биде потребно, ќе ги придружуваат флотилите граѓани што се мобилизираа за да ги остварат своите права“, напиша Меланшон на Икс (X).
Во самиот говор додаде дека француските бродови во тоа би го следеле примерот на Италија и Шпанија, кои минатата година испратија воени бродови во придружба на флотилата „Глобал сумуд“ (Global Sumud), која се обиде да ја пробие израелската блокада на Газа.
Меланшон се осврна и на израелската политика надвор од Газа.
„Не ја прифаќаме постепената анексија на Западниот Брег, ниту на јужен Либан, ниту на Голанската Висорамнина“, порача тој.
Додаде дека неговото движење конкретно ќе организира мобилизација против, како што наведе, ширењето на суровоста врз опколените и прогонетите христијански заедници во Палестина и Либан.