Претставникот на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, во четвртокот се појави во Белата куќа заедно со Меланија Трамп, која ги собра руските и украинските претставници за да го одбележат локализираниот прекин на огнот во опколениот украински град Олешки, постигнат со нејзино посредство. Говорејќи на покана на првата дама, Дмитриев ѝ се заблагодари за нејзината „истакната хуманитарна улога“ во обезбедувањето на шестдневното примирје. Тој додаде дека Путин лично дал инструкции како дел од операцијата и ѝ испратил благодарност на Меланија Трамп.

На настанот за одбележување на примирјето, потпишано на 23 октомври, присуствуваа и шефот на парламентарната фракција на партијата на Володимир Зеленски, Давид Арахамија, како и украинскиот омбудсман за човекови права, Дмитро Лубинец. Арахамија ѝ порача на првата дама дека завршила „неверојатна работа“ и ја охрабри да продолжи да му помага на украинскиот народ кој трпи војна повеќе од четири години. „Дефинитивно би сакале да ве замолиме да продолжите и да најдете нови мисии и да деескалирате што е можно повеќе“, изјави Арахамија. За нејзината улога, претседателот Зеленски ѝ испратил украинско признание, додека Дмитриев ѝ подарил слика нацртана од 11-годишно девојче. Од своја страна, таа им предала лични писма за Путин и Зеленски во големи бели коверти, а потоа ги поканила делегациите да разгледаат историски артефакти од колекцијата на Белата куќа.

Првата дама изрази надеж дека овој прекин на огнот може да стане потраен и пораширен. „Нека Олешки биде скромната искра што ќе прерасне во траен пламен на мирот“, порача таа. Меланија Трамп ги иницирала разговорите, заедно со нејзиниот главен советник Марк Бекман, по маргините на Генералното собрание на ОН во септември. Локалното примирје, кое беше во сила од 27 октомври до 1 ноември, овозможи доставување хуманитарна помош и евакуација на речиси 800 цивили од преостанатите 2.000 жители на Олешки – град кој е без струја, вода и греење, а лани беше катастрофално поплавен по уривањето на браната Каховка.