
Првата дама на САД, Меланија Трамп, во четврток ќе организира средба на претставници на Русија и Украина во Белата куќа, соопшти денеска нејзината канцеларија. Настанот е закажан за 5 ноември, а Трамп треба да даде и изјава за локалното примирје договорено во украинскиот град Олешки и поширокиот регион Херсон.
„Меланија Трамп лично ќе ги собере претставниците на Русија и Украина, две земји кои се во активна војна, во Белата куќа. Овој настан претставува извонреден момент во американската историја“, се наведува во официјалното соопштение на Канцеларијата на првата дама.
Според соопштението, Меланија Трамп самостојно ја иницирала комуникацијата меѓу двете завојувани страни и успеала да обезбеди примирје во Олешки и околниот регион Херсон. Нејзината канцеларија го претставува ова како дипломатска иницијатива без преседан за сопруга на американски претседател.
Таа треба да даде изјава за примирјето во четврток во 11 часот по локално време во Вашингтон, односно во 16 часот по средноевропско време.
Засега нема официјални информации за тоа кои личности ќе ги претставуваат Москва и Киев на средбата, ниту дали разговорите ќе опфатат пошироки прашања поврзани со завршувањето на војната.
Руската новинска редакција „Медуза“ објави дека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прашање за најавената средба одговорил дека не знае ништо за неа и дека нема информации.