
По завршувањето на изборниот процес и изборот на новиот градоначалник на Општина Брвеница, копретседателот на партијата ВЛЕН, Изет Меџити, преку објава на социјалните мрежи пренесе јасна политичка порака. Тој ги повика политичките актери да ја прекинат поларизирачката реторика и да се вратат на одговорностите кон граѓаните, нагласувајќи дека во мултиетничките демократии нема простор за поделба меѓу „наши“ и „ваши“.
„Изборите завршија. Денес Брвеница има градоначалник, додека животот продолжува и сите се враќаме на нашите обврски.
Ги сметав провокативните изјави за време на кампањата како предизборен фолклор. Во истиот дух, поларизирачките изјави што ги слушнав синоќа и денес ги третирам како постизборен фолклор. Гласовите се слободен израз на волјата на граѓаните и никој не ги поседува. Во политиката, позиционирањето против сите не е стратегија што води кон успех, туку пристап што порано или подоцна произведува разочарување.
Во мултиетничките демократии не смее да има поделба на „наши“ и „ваши“, бидејќи тоа подразбира нееднаквост и тенденција за потиснување на другиот. Дијалогот и соработката во секое општество се императив и предуслов за правилно функционирање. Во мултиетничките општества, овој дијалог е обврска на сите општествени актери.
Затоа, не мора да се справуваме со вообичаениот постизборен фолклор, со оправдувањата и толкувањата што им се сервираат на граѓаните секогаш кога резултатите не се совпаѓаат со нечии очекувања. Граѓаните одлучуваат со глас, додека политиката мора да знае како да преземе одговорност за своите ставови и постапки“, стои во објавата на Меџити, по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека токму ВЛЕН биле „тројанскиот коњ“ кој учествувал во победата на кандидатот на ДУИ во Брвеница.