Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 30-годишен маж, осомничен за кривичното дело „Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, откако со нож им се заканувал на сопружници кај кои бил вработен.

Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил на 21 јули во селото Трубарево, кога сопружниците со автомобил ја напуштале фирмата. Осомничениот им го пресретнал патот, држејќи нож во рацете, барајќи да му бидат исплатени неисплатените дневници.

Тој агресивно замавнувал со ножот, упатувал навреди и закани кон двајцата, а потоа со ножот ја пресекол левата задна гума на нивниот автомобил.

Оштетениот се обидел да ја смири ситуацијата, додека неговата сопруга, исплашена од однесувањето на осомничениот, побегнала во казино во близина, од каде што повикала полиција.

По преземените дејствија, јавен обвинител повел постапка против осомничениот и до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост.

Со предлогот се бара забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, привремено одземање на патната исправа, како и забрана за приближување и контакт со оштетените лица.

The post Маж од Скопје ги нападнал газдите со нож заради неисплатени дневници appeared first on Скопско ЕХО.