Случајот со загадената вода во Гостивар е сериозна здравствена криза што мора целосно да се истражи. Секој пропуст треба да биде утврден, а секој што постапувал несовесно или спротивно на законските обврски мора да понесе одговорност. Здравјето на граѓаните не смее да биде релативизирано, но не смее ниту да биде претворено во политичка суровина за дневна партиска употреба.

Токму тоа деновиве го прави опозицијата.

Наместо да почекаат стручните анализи и истрагата да дадат целосни одговори, опозициските штабови ја прогласија пресудата однапред. Од Гостивар се создава слика за држава во која одеднаш повеќе нема безбедна вода, институциите не постојат, а секој град е пред санитарен колапс. Секоја информација за привремена забрана, зголемена матност или неисправен примерок од друг град се вградува во однапред подготвената политичка приказна: „Еве, по Гостивар доаѓа Валандово, потоа Крушево - кој е следен?“

Како да станува збор за елементарна непогода што се движи од град до град. Како некакво невидливо загадување да ја преминува Македонија по однапред утврдена маршрута. Како арсенот, манганот, бактериите и дефектите на водоводните мрежи првпат да се појавиле токму сега, со актуелната власт.

Политичката конструкција е провидна: секоја нова забрана треба да изгледа како продолжение на Гостивар, секој неисправен примерок како доказ за општ распад, а секој локален проблем како директна вина на Владата. Различните причини, различните водоснабдителни системи и различните надлежности намерно се ставаат во ист сад, за потоа од него да се извлече посакуваниот партиски заклучок.

Но фактите имаат непријатна навика да ја расипуваат пропагандата.

Официјалните извештаи на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во урбаните средини во секоја година од 2006 до 2025 биле регистрирани примероци што не ги исполнувале физичко-хемиските или микробиолошките параметри. Во изминатите години имало арсен во водата во Гевгелија, забрани во Штип по поплавување на бунарите, ешерихија коли и колиформни бактерии во Струга, манган и бактерии во Струмица, манган во Гостивар и арсен во Стар Дојран.

Струга повеќепати останувала со забрана поради бактерии, дефекти и зголемена матност. Во 2021 година истовремено биле објавени предупредувања и забрани за Струга, Крушево и Ресен. Во 2024 година Струмица речиси еден месец имала забрана поради манган и колиформни бактерии. Истата година во Гостивар била воведена забрана поради зголемено присуство на манган.

Значи, небезбедната вода не е нешто невидено. Нова е само политичката претстава дека проблемот започнал вчера.

Опозицијата денес се однесува како да нема политичко минато, како никогаш да не управувала со државата, министерствата, инспекторатите, општините и јавните комунални претпријатија. Како дотраените цевки да биле поставени минатата недела, како канализациските мрежи да се распаднале во изминатите неколку месеци и како септичките јами да се нов производ на актуелната власт.

Од граѓаните се очекува да заборават дека водоводната и канализациската инфраструктура не се создаваат преку ноќ. Децениски запоставуваните системи не се појавиле со последната промена на власта, ниту можат магично да се обноват со едно владино соопштение. Но за опозициската пропаганда континуитетот не е важен. Важно е секој стар проблем да се претстави како нов скандал и секоја наследена слабост како ексклузивна вина на денешната власт.

Тоа не значи дека институциите треба да бидат поштедени од контрола. Напротив, нивна обврска е брзо да реагираат, да ја заштитат јавноста, да обезбедат безбедна вода, да ги објават резултатите од анализите и да ја утврдат одговорноста. Но постои суштинска разлика меѓу барање институционална одговорност и политичко профитирање од стравот на граѓаните.

Опозицијата очигледно ја избра втората можност.

Во таа политичка претстава водата веќе не е прашање на јавно здравје, туку средство за производство на паника. Секој нов град се додава на списокот како да се чита билтен од природна катастрофа. „Прво Гостивар, сега Валандово“ звучи доволно драматично за наслов, но не објаснува дека причините може да бидат сосема различни, дека станува збор за различни оператори и дека неисправноста на еден примерок не значи автоматски загадување на цел водоснабдителен систем.

Дополнителен проблем е колку лесно, како општество, стануваме подводливи на темите што политичарите ни ги сервираат. Не затоа што тие теми се неважни, туку затоа што без критичка дистанца го прифаќаме токму нивното време, рамка и толкување. Денес сите сме микробиолози, утре уставни експерти, задутре геополитички стратези – зависно од тоа која тема партиските централи решиле да ја постават на дневен ред. Политичарите го избираат прашањето, го определуваат виновникот и ја задаваат посакуваната емоција, а ние доброволно ја продолжуваме нивната кампања преку социјалните мрежи.

Така јавноста постојано трча по теми што некој друг ѝ ги наметнал, додека суштинските прашања остануваат на маргините. Наместо да прашаме кој со години не инвестирал во водоводи, канализации, инспекциски надзор и пречистителни станици, ние се делиме на навивачки табори и расправаме чија е загадената вода. Политичарите ја менуваат темата кога ќе им стане непријатна, а ние ја менуваме загриженоста заедно со нив. Денес сме згрозени од водата, утре веќе ќе ни биде понуден нов скандал, а старите цевки, септичките јами и системските пропусти ќе останат таму каде што биле – под земја и надвор од јавниот интерес.

Во Македонија, за жал, нема потреба вештачки да се создава катастрофа. Доволно е чесно да се погледне реалноста.

Со години ни гинат луѓе како последица на системски пропусти, изостанати контроли, игнорирани предупредувања, административна неодговорност и институционално префрлање на надлежностите. По секоја трагедија го гледаме истиот ритуал: денови на шок, прес-конференции, меѓусебни обвинувања, најави за темелни истраги, комисии и ветувања дека „никогаш повеќе“ нема да се повтори. Потоа камерите заминуваат, јавноста се насочува кон следната тема, а системот продолжува да функционира со истите слабости.

Луѓето не ни гинат затоа што немаме закони, правилници, инспекторати и надлежни институции. Гинат затоа што законите често остануваат на хартија, контролите се формални, предупредувањата се архивираат, а одговорноста се растопува меѓу десет различни институции. Кога ќе се случи трагедија, секој бил надлежен за нешто, но никој не бил одговорен за конечниот исход.

Токму затоа гостиварскиот случај мора да биде предупредување за целиот систем, а не политичко оружје за опозицијата. Ако повторно се сведе на партиска пресметка, ќе добиеме многу говори, многу обвинувања и многу телевизиски дебати, но нема да добиеме побезбедни водоводи. Причините ќе останат закопани под партиската бучава сè до следниот дефект, следното загадување или следната трагедија.

Во 21 век сè уште има населени места без канализациска мрежа, каде отпадните води завршуваат во септички јами. Има стари водоводни цевки, недоволно заштитени изворишта, големи загуби на вода и комунални претпријатија кои со години работат на работ на функционалноста. Има населби во кои чистата вода, канализацијата и асфалтираниот пат сè уште се изборни ветувања, наместо основни услови за живот.

Додека развиениот свет разговара за вештачка интелигенција, зелена транзиција и паметни градови, ние сè уште расправаме дали водата од чешмата може да се пие. Додека европските градови планираат јаглеродно неутрални населби, кај нас септичката јама сè уште претставува главна комунална инфраструктура во дел од населените места.

А кога некаде ќе се изгради еден километар асфалт, се организира свеченост како да сме слетале на Месечината. Се сечат ленти, се држат говори, се снима со дронови, а функционерите чекорат по новиот коловоз како астронаути на новооткриена планета. Ако се постават неколку цевки, настанот добива статус на историски проект. Ако едно село добие канализација, тоа се претставува како великодушен подарок од политичарите, а не како основна услуга платена со парите на граѓаните.

Толку ни се снижени критериумите што елементарните услови за живот ги славиме како државнички подвизи. Чиста вода, канализација, прооден пат, улично осветлување и редовно собирање отпад кај нас не се подразбираат. Тие се свечено ветување, изборен слоган и повод за групна фотографија.

Токму тука се наоѓа суштинскиот проблем. Не во тоа што јавноста е информирана за небезбедна вода, туку во фактот што политичарите со децении ги користат основните услови за живот како изборна валута. Кога се на власт, еден километар асфалт е историски успех. Кога се во опозиција, секој дефект е доказ за национален распад.

Опозицијата денес го користи Гостивар како политичка алатка, обидувајќи се секој друг случај да го претстави како дел од иста катастрофа. Притоа смета на краткото паметење на јавноста и на претпоставката дека никој нема да провери што се случувало во времето кога токму тие управувале со институциите.

Но одговорноста не може да биде еднонасочна улица. Оној што денес бара одговори мора да објасни што направил вчера. Оној што денес се згрозува од дотраената инфраструктура треба да покаже колку водоводи, канализации и пречистителни станици изградил додека располагал со државниот и општинските буџети.

Гостивар мора да добие правен и институционален епилог. Но не смее да стане алиби за производство на опозициска паника. Не секоја забрана е национална катастрофа, не секој неисправен примерок е доказ за распад на државата и не секој проблем започнал со актуелната власт.

Ако нешто навистина треба да нè шокира, тоа не е сознанието дека и порано имало небезбедна вода. Треба да нè шокира фактот што по толку трагедии, изгубени човечки животи, влади, стратегии и ветувања, во 21 век сè уште разговараме за вода, канализација, септички јами и еден километар асфалт како за врвни цивилизациски достигнувања.

Чистата вода не е партиски аргумент. Канализацијата не е изборен подарок. Асфалтот не е слетување на Месечината. Човечкиот живот не смее да биде потребната жртва за институциите конечно да ја забележат сопствената нефункционалност.

Тоа се основни обврски на една современа држава – обврски што предолго биле одложувани од многумина кои денес најгласно се обидуваат политички да ја наплатат сопствената амнезија.

The post МАТНИ ЧЕШМИ, ЈАСНИ ПАРТИСКИ СМЕТКИ: КОЈ ГО КОРИСТИ СТРАВОТ КАКО ОРУЖЈЕ? appeared first on Politika.