
Украина ги нападна Москва и околината во текот на изминатата ноќ и утрото со повеќе од 400 дронови, кои во поголемиот дел се пресретнати, но повредени се десет лица, вклучувајќи и едно дете, соопштија руските власти.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека противвоздушната одбрана во текот на изминатата ноќ соборила 381 украински дрон над територијата на земјата и во Црното и Азовското Море.
Најсилните удари во Московската област биле во Подолск, Домодедово и Одинцовскиот дистрикт, соопшти началникот на тој регион, Андреј Воробјов, на Телеграм.
Според зборовите на градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, повеќе од 400 украински дронови летале кон престолнината од 20:30 до пет часот наутро, но системите за противвоздушна одбрана ги пресретнале повеќето од нив на безбедна оддалеченост, додека 85 биле уништени додека се приближувале кон руската престолнина.
Како одговор на нападите на украинските вооружени сили, руските трупи удираат исклучиво по воени објекти и претпријатија на украинскиот воено-индустриски комплекс со високопрецизно воздушно, морско и копнено оружје, како и со дронови, додаде тој.
Руските медиуми пренесуваат и дека украинските сили во изминатите 24 часа извеле 130 напади со дронови врз Белгородската област, ранувајќи 14 цивили, како што наведе вршителот на должност началник на таа област, Александар Шуваев.
Според неговите зборови, соборени и потиснати се 170 дронови, пренесува Риа Новости.
Најголемиот руски онлајн трговски синџир „Вајлдберис“ соопшти утрово дека го евакуирал својот логистички центар во Подолск, но дека подоцна работењето било нормализирано.
Во украинските напади со дронови во саботата во складиштето на компанијата „Вајлдберис“ беа убиени седум работници, а десетици беа ранети.