Во пукање на главниот плоштад во полскиот град Краков денеска попладне се убиени пет лица, а повеќе од десетмина се ранети. Напаѓачот бил ранет од страна на полицајците и е пренесен во болница, соопшти полицијата на Малополското Војводство.

Полицијата на социјалната мрежа „X“ објави дека околу 15:00 часот маж со автомобил влегол на плоштадот и од возилото почнал да пука кон случајни минувачи. Меѓу ранетите има и полицајци.

Во првата објава полицијата наведе дека напаѓачот е приведен, а во подоцнежната дека полицајците го раниле и дека е пренесен во болница.

Градската управа на Краков на X го потврди пукањето на главниот плоштад и наведе дека полицијата спроведува акција и во улицата „Дитла“.

Полскиот премиер Доналд Туск на X порача дека полицијата ги истражува позадината и сите околности на нападот, пренесува „АП“.

Полицијата засега ги нема соопштено мотивот за нападот ниту идентитетот на жртвите.

Краков е втор по големина град во Полска, а главниот плоштад е едно од најпосетуваните места во земјата.