Претседателот на Општинската организација на СДСМ Струмица, Марјан Даскаловски, објави дека поднел оставка од функцијата и се повлекува од раководењето на локалната партиска организација.
Во објавата на социјалните мрежи, Даскаловски информира дека оставката ја доставил до претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, наведувајќи дека одлуката е донесена од лични причини.
„Оваа одлука ја носам со мирна совест и чисто срце, водена пред сè од лични причини“, наведува Даскаловски во своето обраќање.
Тој посочува дека изминатиот период бил исполнет со многу работа, заеднички успеси и предизвици, со кои, како што наведува, организацијата се соочувала со одговорност и посветеност кон интересите на Струмица.
Во својата порака, Даскаловски им се заблагодарува на членовите, симпатизерите, активистите и соработниците за поддршката, довербата и заедничката работа во изминатиот период.
На идното раководство на партиската организација им посакува успех во понатамошното работење, додавајќи дека и понатаму ќе остане поддржувач и ќе биде подготвен да помогне со своето искуство и знаење каде што ќе биде потребно.
The post Марјан Даскаловски поднесе оставка од функцијата претседател на ОО на СДСМ Струмица appeared first on Radio StrumicaNet.