Дали Максим Димитриевски се обидува да се позиционира како единствениот чувар на македонскиот јазик, додека премиерот Христијан Мицкоски настојува да најде правно и институционално одржливо решение за полагањето на правосудниот испит? Дали лидерот на ЗНАМ отвора суштинско државно прашање или препознава можност за политичко поентирање на национална основа?
Интересно е што Димитриевски, иако е дел од владејачката коалиција, одлучува преку телевизиско гостување да поставува ултиматуми и да најавува напуштање на Владата, токму во момент кога премиерот веќе јавно го образложи својот пристап и ја демонстрираше подготвеноста за разговори и изнаоѓање решение. Мицкоски претходно јасно посочи дека македонскиот јазик останува јазик на правосудниот систем. Неговиот предлог предвидува писмениот дел од правосудниот испит да може да се полага на јазикот на кој кандидатот го завршил високото образование, додека усниот дел да се одвива на македонски јазик. Оттука, се наметнува прашањето: Дали Максим навистина брани принцип што премиерот го загрозува или се обидува да создаде впечаток дека само ЗНАМ има храброст да го одбрани македонскиот јазик?
Уште поинтересно е што Димитриевски самиот признава дека коалициските партнери досега не разговарале отворено за ова прашање. Ако е така, зошто прво се најавува излегување од Владата, а дури потоа се бара лидерска средба? Дали дијалогот е вистинската цел или ултиматумот е политичката порака што треба да стигне до гласачите?
Во време кога националните прашања лесно стануваат средство за политичка мобилизација, легитимно е да се праша дали лидерот на ЗНАМ се обидува да изгради сопствен национален авторитет преку дистанцирање од премиерот, со кого истовремено ја дели одговорноста за владеењето.
Повод за овие дилеми е синоќешното гостување на Максим Димитриевски во телевизија Сител, каде што тој категорично изјави дека Движењето ЗНАМ нема да прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонскиот.
Димитриевски предупреди дека доколку Владата донесе поинакво решение, неговата партија е подготвена да ја напушти владината коалиција.
Тој посочи дека премиерот Христијан Мицкоски е запознаен со ставовите на ЗНАМ, но најави дека ќе побара лидерска средба на која коалициските партнери ќе разговараат за ова прашање и ќе ги дефинираат своите црвени линии.
Според Димитриевски, прашањето за јазикот на правосудниот испит не е изолирана тема, туку има пошироки последици врз функционирањето на правосудниот систем и државното уредување.
Лидерот на ЗНАМ оцени дека зад барањата за проширување на употребата на албанскиот јазик постојат и пошироки политички намери. Тој предупреди дека во Македонија постојат политички сили кои, според неговата оценка, би сакале државата во иднина да ја видат како конфедерација.
Како аргумент ги спомена повиците за етничко здружување на локалните заедници, како и изјавите поврзани со идејата за „Илирида“ по локалните избори во Брвеница.
Димитриевски се повика и на препораките на Венецијанската комисија од 2019 година, оценувајќи дека проширувањето на употребата на други јазици во правосудниот систем би можело дополнително да го усложни неговото функционирање.
Иако нагласи дека не е против употребата на јазиците на етничките заедници, тој остана на ставот дека правосудниот испит мора да се полага исклучиво на македонски јазик.
Сепак, политичката дилема останува отворена: Дали ЗНАМ ќе придонесе кон изнаоѓање заедничко решение или Максим Димитриевски ќе продолжи да настапува како национален коректор на сопствената Влада?
Зашто едно е да се има принципиелен став за македонскиот јазик, а сосема друго е тој став да се претвори во натпревар за тоа кој е поголем патриот.
И можеби најважното прашање: Дали Максим се обидува да го заштити македонскиот јазик или да го зајакне сопствениот политички рејтинг, претставувајќи го Мицкоски како политичар кој е подготвен на отстапки?The post МАКСИМ ПОСТАВУВА ЦРВЕНИ ЛИНИИ ТАМУ КАДЕ ШТО МИЦКОСКИ БАРА РЕШЕНИЕ – ДАЛИ ЗНАМ ПОДГОТВУВА ПАТРИОТСКО АЛИБИ ЗА ИЗЛЕЗ ОД ВЛАДАТА? appeared first on Politika.