
За поранешниот функционер и пратеник, Јано Макрадули, зголемувањето на цената за парното греење не е само доказ за исклучително празната државна каса, и продолжување на осиромашувањето на граѓаните, туку е и доказ дека немаат абер во борбата за намалувањето на загадувањето.
-Наместо стимулации, зголемувањето на цената ќе ги врати печките, влажните дрва, отпадното масло од возилата. Бидејќи оваа Влада постојано се споредува, да ја потсетам дека Владата на СДСМ го намали ДДВ-то за парното греење од 18% на 5%, и сите граѓани (верувам се сеќаваат), вклучително и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, добија намалени сметки.
Секоја погрешна одлука има своја цена. Оваа повторно ќе ја платат граѓаните, објави Макрадули.
Домаќинствата кои се греат на парно преку ЕСМ – Снабдување од 1-ви август ќе плаќаат за 5,96 насто повисоки сметки, корисниците на ЕСМ – Енергетика за 5,18, а кај поранешно Скопје – Север или „Енерго-Еколог“, покачувањето е 3,65 проценти. Регулаторната комисија за енергетика ја направи пресметката, иако, енергетските компании барале зголемување од 30 до 130 насто. За стан од 60 квадрати, сметката повисока за 140 денари.
Освен парното, ново поскапување и на горивата – дизелот за 4,5 денари за литар, бензините за 3 денари, а екстра лесното за 5 денари за литар. По донесената мерка за намалување на акцизите, од Владата најавија дека не се исклучува и можноста од намалување на ДДВ-то за горивата и одредени прехранбени производи.
Од СДСМ, пак, по најновото поскапување реагираа дека се влошува животниот стандард на граѓаните.