
Во акција на МВР со ДЕА, пресретнат е канал со кокаин и запленети се над 300 кг дрога, дознава Плусинфо.
По брза размена на информации од страна на Одделот за криминалистичка полиција при МВР и службата за борба против дрога на САД (ДЕА) од страна на германската полиција запленети се над 300 кг кокаин. Дрогата била скриена во товарен контејнер со банани, кој од Еквадор допатувал на пристаниште во Холандија, а од таму стигнал до Германија.
Според германските медиуми, кокаинот бил откриен на големопродажен пазар во Нирнберг. При проверка на пратката со банани, еден од вработените забележал дека една од гајбите е невообичаено тешка. По отворањето биле пронајдени пакувања со кокаин, по што полицијата и царинските служби провериле дополнителни картонски кутии распоредени на 50 палети.
Вредноста на запленетата дрога на црниот пазар се проценува на околу 20 милиони евра.
Засега нема официјални информации за бројот на осомничени или приведени лица, ниту за тоа дали во шверцерскиот канал биле вклучени македонски државјани. Не е познато ниту кому му била наменета пратката.
Истрагата ја водат германските надлежни служби.
Акцијата го покажува сериозниот пристап на Одделот за криминалистичка полиција при МВР во борбата против меѓународниот организиран криминал за недозволена трговија со дрога и е потврда дека соработката помеѓу партнерски служби, брзата размена на информации и искрениот пристап, се клучни за бескомпромисна борба против секаков вид криминал.
The post МАКЕДОНСКАТА ПОЛИЦИЈА УЧЕСТВУВАШЕ ВО АКЦИЈА ЗА ЗАПЛЕНА НА 300 КГ КОКАИН Дрогата била скриена во контејнер со банани appeared first on plusinfo.mk.